Скандалозно: Пред карта на Голема Бугарија и со навреди кон Ковачевски, европратеникот Џамбаски ни порача дека Бугарите одлучуваат кои сме и дека Македонија секогаш била и ќе биде бугарска (ВИДЕО)

Застанат пред карта на Голема Бугарија во која се вклучени дури и делови од Албанија, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во видео обраќање ни порача дека „за нас, србоманите во Скопје, немало место во ЕУ“ и дека за тоа кои сме и што сме не одлучуваме ние, туку Бугарите.

Во скандалозното видео (не му е прво такво, но овде се самонадминува), Џамбаски најпрво почнува со лични напади кон премиерот Димитар Ковачевски. Цитирајќи наслови од македонските медиуми (кои ги нарекува „скопски“) во кои е пренесена изјавата на Ковачевски дека тој не знае кој е Ангел Џамбаски (а во контекст на претходните провокации од бугарскиот европратеник), Џамбаски вели дека важно е што тие (тој и неговите сопартијци од ВМРО-БНД) знаат кој е Ковачевски. Според него, Ковачевски бил задолжен за ситни бирократски работи за време на средбите на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и „привремениот регионален премиер Зоран Заев“, вклучително и носење кафиња и папки, „нешто како машка секретарка“. Но главното, според Џамбаски, е што Ковачевски е само фасада зад која стои исполнувач на туѓа волја. Според европратеникот, во случајов, Ковачевски е исполнувач на волјата на Белград и Кремљ.

Тука Џамбаски алудира на изјавата на Ковачевски дека македонизмот бил изворен и секогаш ќе го има, по што „појаснува“ дека македонизмот всушност бил создаден од Москва и е антибугарска, нацистичка, фашистичка и болшевичка идеологија која има задача да ја искорени бугарската нација и бугарската историја, традиција, култура и историја во Македонија.

Тоа е ГМО мешавина, лажен „идентитет“ кој е антибугарски и може да вирее само во услови на омраза кон Бугарија, која пак е еквивалент на „омраза кон родителот“, заклучува Џамбаски.

Потоа европратеникот зборува за македонскиот јазик, за кој вели дека е литературна форма на бугарскиот и секој лингвист, секаде во светот го потврдувал тоа, со факти и докази. Во тој контекст Џамбаски го исмева името на премиерот Ковачевски (Димитар наспроти Димитр), нарекувајќи го „бугарска Али Експрес верзија“, саркастично потенцирајќи ја буквата „А“ при секое споменување во целото негово обраќање.

Па така, според Џамбаски, македонизмот е исто така фасада зад која нема ништо друго освен конци од Белград и Кремљ.

„ … Никаква историја, никаква култура, ништо нема пред 1944 година“, упорен е тој.

Но Ангел не застанува тука. Напротив, сето погоре е само увертира во она што допрва следи – неверојатно скандалозна тирада во која ЕВРОПРАТЕНИКОТ, обраќајќи му се лично на Ковачевски, во крајна линија порачува дека Бугарите одлучуваат кои сме ние Македонците и дека Македонија секогаш била и ќе биде бугарска.

„Сега сакам да му се обратам на ДимитАр. ДимитАр, ќе ви се обраќам со Вие, макар што вие заслужувате нешто сосема поразлично… Кој сум јас вие ќе разберете, само прашајте ги членовите на вашиот кабинет. Многу од нив се со српски корени, многу од нив се наследници на српски колонисти. Дошле да ја колонизираат нашата бугарска Македонија од Шумадија. Наследници на една предавничка раса, нација… предавничка нација, не раса, тие се исто како нас, полоша наша верзија, но сепак… Многу од вас, вашите предци учествуваа во злосторства против човештвото, го извршија македонскиот крвав колеж, убија без суд и пресуда десетици и стотици илјади Бугари, бугарски свешптеници, бугарски трговци, бугарски офицери, бугарски учители, бугарски митрополити. Ги убија зашто се плашеа од Бугарија и бугарските корени на Македонија. Тие ваши предци влегоа во македонската секција на Југословенската комунистичка партија. Колку што знам, ДимитАр, и вашите предци го имаат тоа срамно и гнасно болшевичко, комунистичко, Титовистичко минато. Затоа, ДимитАр, ви се обраќам со следното предупредување:

Ние Бугарите – меѓу другото многу стара, многу историска нација – на Балканот сме повеќе од 1400 години. За целото тоа минато време, Македонија е дел од нашето етничко земјиште. Вие Србите, вие србоманите, вие Шајкачите, дојдовте подоцна и некако, со заривања нож во грб, со предавства, како наши непријатели, се протнавте низ историјата и некако успеавте да се закотвите во Македонија.

Но ние Бугарите сме дел од Европската унија, а вие србоманите во Скопје – не сте. Ние Бугарите сме дел од унијата која е најуспешниот политички проект во историјата на светот до ден денешен. И ние Бугарите сме дел од тие кои одлучуваат каде сте вие. Кои сте вие – решаваме ние. Не вие, ДимитАр, не Белград и не Кремљ, туку ние решаваме кои сте вие.

И ако вие, србоманите во Скопје, палите културни клубови на Бугарите во Македонија, ако вие, србоманите во Скопје, рушите згради, бугарско-просветни центри во Македонија, не само што нема да ја видите Европската унија, ДимитАр, туку нема да ја видите ни африканската, зашто и за таму не сте дораснати.

Зашто дел од вас, ДимитАр, сте доказ за теоријата на Дарвин. Таа противречи на христијанството, се разбира, но во неа се тврди дека човекот настанал од мајмунот. И во дел од вашата политичка елита го гледаме тој процес во развој. Не е завршен, но го има, се одвива. Гледаме шимпанза со чекани кои кршат бугарски надгробни плочи. Гледаме орангутани и павијани (бабуни) кои палат бугарски културни клубови, и гледаме други горди претставници на тој период меѓу мајмунот и човекот. Не ЕУ, ДимитАр, Северна Македонија во оваа етапа, со ова антибугарско однесување, може да биде кандидат единствено за сојуз со Северна Кореја. Таму се слични на вас и тие исто така ја докажуваат теоријата на Дарвин“, порачува Џамбаски.

Потоа тој на Ковачевски му покажува неколку фотографии, и тоа од Тодор Александров, Гоце Делчев и Ванчо Михајлов, за кои вели дека се бугарски револуционери и учители кои се самоопределувале како Бугари и се бореле за бугарска Македонија.

„Да ги запаметите тие лица, зашто ќе ги научите на потешкиот начин. Пак ќе напомнам, Димитар, кои сте вие – решаваме ние. Вие не решавате ништо. Затоа што Македонија е бугарска, била и ќе биде. За разлика од вас – колонистите дојдени од север, од Шумадија, од далечните полиња – ние Бугарите од Македонија нема да ја оставиме нашата бугарска Македонија“, завршува Џамбаски.

- Реклама -