Со „новиот“ предлог само бугаризирани можеме во ЕУ – оцени Мицкоски и повика на сенароден протест утре пред Владата

„Јас и ВМРО-ДПМНЕ во таков процес нема да бидеме соучесници. Ќе се бориме за вистината и против ваквиот нокаут во македонската дипломатија“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција.

„Предлог кој е ултиматум за иднината на нашата Македонија, предлог кој е диктат за мегаломански барања и историски аспирации кон Македонија. За таков предлог одговорот е: Не, благодарам. Предлогот кој е на маса, а Владата го криеше, а до кој дојдовме ние по наши канали, всушност е истиот, кој веќе еднаш беше одбиен“, нагласи Мицкоски.

Со жалење морам да констатирам, истакна тој, дека овој предлог ги содржи сите бугарски барања и во делот на историјата, и во делот на јазикот и во делот на идентитетот.

„Прифаќањето на ваквиот предлог подразбира целосно право на Бугарија да менува учебници и да ги пишува согласно бугарскиот диктат, а нашите деца во основното образование да учат според бугарскиот дикатат или нема европска иднина. Прифаќање дека Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и останатите херои и револуционери биле Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Секој кој како Владата, како Ковачевски, Османи и Маричиќ ќе ви кажува нешто поинаку, ви кажувам со сиот мој дигнитет и име, не ја говори вистината или да бидам подиректен – ве лаже. Затоа, имаме два документи, два процеси, сменети зборчиња, семантичка инверзија, кои Владата ни ги кажува како успех“, изјави Мицкоски.

Според него, со одобрувањето на ваква рамка, „изборот“ ни е или во ЕУ да влеземе бугаризирани, или засекогаш да останеме надвор од ЕУ.

Тој посочи дека, според модификуваниот француски предлог, земјава нема да може да го отвори првиот кластер „Фундаменталс“ сѐ додека не се случат уставните измени на кои се повикуваат заклучоците од Европскиот совет, односно не заврши процесот на вметнување на Бугарите во Уставот.

„На страна 8, пак, од предлогот, е избришан делот каде во првиот дел стоеше делот за јазикот, ама јасно стои дека Македонија не може да го почне процесот на преговори сѐ додека не биде поптишан протоколот од втората средба на заедничката меѓувладина комисија која е основана врз основа на чл. 12 од Договорот за добрососедство што го има нашата Влада потпишано со нашиот источен сосед. Тоа е оној протокол во кој се содржани историјата, културата, сѐ што треба да се направи како измена во нашите учебници“, посочи, исто така, Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: На реториката на ДУИ не треба да ѝ се дава значење, како стигнуваме до криминалот ќе станува уште пожестока

Повикувајќи на акција, односно да се биде гласен во овие клучни моменти, Мицкоски соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на иницијативата за сенароден протест пред Владата утре во 19 часот, со цел, како што рече, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на иницијативата за протести. Повикувам на сенароден протест. Го повикувам цел народ од цела Македонија, но и однадвор, да се приклучи и да застане до нас и да го одбраниме она што се вика европска вредност и да го спасиме процесот на преговори… Го повикувам целиот народ, без разлика на верата, политичката определба или каква друга припадност да се приклучи во изразувањето на таквото народно незадоволство. Повикувам на обединување и на висока свесност за тешките удари кои оваа влада ги прави на нашата Македонија. Или ќе се каже гласно ‘не’, или потоа ќе се нема право на приговори. Затоа да излеземе и гласно кажеме ‘Не благодарам’“, повика Мицкоски.

Она што Ковачевски го промовира, додаде тој, „не е визија, не е стратегија, ниту е битка за идните генерација, туку срам, пораз и капитулација што идните генерации ќе ја имаат како грутка во својата душа“.

„Ваков ултиматум за Макакедонија – не, благодарам. Сега е моментот кога треба да се биде глаен, јасен, да се заземе вистинска страна. Страната на Македонија и страната на народот. Оваа Влада прави огромна штета, бидејќи одобрување на ваква рамка значи или во ЕУ асимилирани и бугаризирани или секогаш да останеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинство на народот не прифаќам и никогаш нема да се согласам на тоа“, порача лидерот на најголемата опозициска партија.

Извор: МИА

- Реклама -