Зеленски: Многу работи зависат од исходот на американските избори, но не сè

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека многу работи зависат од исходот на претседателските избори во Соединетите Американски Држави на 5 ноември, но не сè.

-Не е само лидерот тој ја менува политиката. Не знаеме кој ќе биде претседател, но поддршката за Украина од двете страни секако ќе остане. Во секој случај, Конгресот на САД, со кој развивме силни односи, ќе има влијание врз војната, без разлика кој е претседател, изјави Зеленски за индискиот весник Тајмс оф Индија, додавајќи дека, сепак, претседателот ќе ја обликува Американската надворешна политика затоа што тоа е негова уставна должност.

Во исто време, тој призна дека ако политиката на САД се промени и тие престанат да ја поддржуваат Украина, тогаш ќе биде тешко за Киев.

-Ако САД кажат дека не го поддржуваат суверенитетот на Украина, туку само одбраната на нејзините територии, тогаш сигурно ќе ни биде многу тешко, но тоа ќе се случи само ако американската политика целосно се промени. Ќе размислуваме што да правиме ако тоа се случи, а не сега, изјави украинскиот лидер.

Прочитајте и:  Северна Кореја: И да сме испратиле наши војници во Русија, тоа е во согласност со меѓународното право

Тој ја истакна и потребата од европско единство и стабилна позиција кон војната во Украина.

Зеленски се осврна и на улогата на Индија, додавајќи дека нејзината важност е огромна бидејќи може да помогне да се посредува за завршување на војната во Украина. Според него, Њу Делхи е клучен глобален играч и може да ја доведе Москва на преговарачка маса.

-Индискиот премиер Нарендра Моди е премиер на навистина огромна земја, гледано од гледна точка на населението, економијата и влијанието, рече Зеленски, додавајќи дека индискиот премиер може да влијае на крајот на војната во Украина.

Зеленски денеска сигнализираше дека е отворен за можноста Њу Делхи да ги води мировните преговори, додавајќи дека тие би можеле да се одржат во Индија.

Според него, Индија може да изврши притисок врз Москва на други начини, како што се блокирање на руската економија, евтините енергетски ресурси и рускиот индустриски комплекс во одбранбениот сектор.

- Реклама -