Захарова: Одлуките на Меѓународниот кривичен суд не важат за Русија

Одлуките на Меѓународниот кривичен суд (МКС) немаат влијание врз Русија и секој нивни налог за апсење е ништовен, порача портпаролката на руското МНР – Марија Захарова, откако денеска МКС издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради воени злосторства во Украина.

„Одлуките на Меѓународниот кривичен суд немаат никакви последици за нашата земја, ниту од правен аспект“, објави Захарова на Телеграм. Таа додаде дека Русија не е членка на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и нема никаква обврска кон тој суд.

„Русија не соработува со таа организација и сите потенцијални барања за апсење од страна на меѓународниот суд се ништовни“, подвлече Захарова.

Кремљ и претходно беше категоричен дека не ја признава надлежноста на судот во Хаг. „Ние не го признаваме тој суд, не ја признаваме неговата јурисдикција“, изјави портпаролот на Кремљ – Димитриј Песков, по информациите дека се очекува да биде издаден налог за апсење на рускиот претседател.

Русија  го потпиша Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг на 13 септември 2000 година. На 16 ноември 2016, Путин потпиша указ за одбивање на Русија да учествува во истиот, со образложение дека судот не ги оправдал надежите и не станал независно судско тело со авторитет.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

Москва, особено го критикуваше ставот на судот од август 2008 година, кога, според Москва, режимот на грузискиот претседател Михаил Саакашвили ја нападна Јужна Осетија, убивајќи руски мировници, но Судот ги обвини јужноосетиските сили и руските војници.

По повлекувањето на Русија од МКС во 2016 година, САД изразија жалење за таквата одлука на Москва. Но, токму Вашингтон го направи истото 14 години претходно, а тогашниот портпарол на американскиот Стејт департмент – Џон Кирби, тогаш изјави дека САД го сметаат тоа за суверена одлука на секоја земја.

И другите земји со право на вето во Советот за безбедност, покрај САД и Кина, како и земји како Сирија и Израел, исто така не ја признаваат јурисдикцијата на МКС.

Извор: МИА

- Реклама -