ВМРО-ДПМНЕ против именувањето на Бучковски: Тој предлагаше заедничко чествување на Илинден со Бугарија; за пари и идентитетот на Судан би го прифатил!

И додека јавноста со различен степен на ентузијазам ја дочека информацијата дека Владо Бучковски ќе биде специјален претставник на Владата за Бугарија, опозицијата експресно и остро реагираше на таквата одлука на Владата.

„Кадарот Владо Бучковски не е никаков скриен ас на Заев во преговорите, туку очаен обид да се најде жртва кому ќе се препише поразот на политиките на премиерот во заминување Зоран Заев.

Назначувањето на Владо Бучковски е и потврда дека во СДСМ врие и на овој начин Заев – преку доделување на функции – се обидува да најде сојузници да ја зачува својата фотелја, бидејќи со погубните политики не само што се доведува во прашање егзистенцијата на премиерското место туку и на претседателското во СДСМ.

Наместо замајување на јавноста со стари и истрошени кадри, Заев треба да одговори за што точно тајно преговара со бугарската влада овој викенд и дали се тргува со историјата, јазикот, македонското малцинство и идентитетот“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, кои денеска го блокираа главниот град со протест пред Владата и МНР во име на, како што постојано посочуваат, одбрана на националните идеали и интереси.

Тешко на Македонија ако решението е тандемот Заев-Бучковски – коментира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

„Бучковски предлагаше заедничко чествување на Илинден со источниот сосед, a Заев во скорeшното интервју ги направи ослободители.

Денес, човекот чија кариера заврши со политички договор за судскиот предмет Тенковски делови, Заев го враќа на нова врата која преговара за историјата, јазикот, македонското малцинство, хероите.

Прочитајте и:  Детектор: Македонските граѓани сакаат членство во ЕУ, но не по цена на Бугари во Уставот

Луѓето со ‘лепливи прсти’, едниот познат по Бачило, продажба на ЕВН, Маџар Телеком, пасоши, другиот познат по Глобал, Поткуп – евро за Вицето, Рекет 1 и 2, и плантажи со марихуана, се тандемот кој треба да го решава проблемот со Бугарија. Овие двајца луѓе се познати само по продавање, и тоа за жал по евтино продавање.

Тешко на Македонија ако решението се ‘тандемот лепливи прсти’ Заев и Бучковски. Ова е предвестие на катастрофата која не смееме да дозволиме да се случи. Затоа кога овие двајца се прашањето, одговорот е народот“, порача Мицкоски.

Ништо поблаг во критиките не е ниту Драган Ковачки, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. На Твитер, тој обвини дека именувањето на Бучковски е зделка во која поранешниот премиер треба да си ја одработи слободата во случајот со тенковите:

„Аирлија! Бучкоски за пари ќе го прифати идентитетот на Судан, а не пак да го заштити Македонскиот! А некој мора да си го одработи и застарувањето на предметот со тенковските делови, нели?“, напиша Ковачки.

- Реклама -