ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски ја одбра антимакедонската страна и јавно се откажа од македонските национални и интересите на граѓаните

„Стево Пендаровски веќе сериозно го има совладано синдромот на ретерирање кој што го наследи од Зоран Заев. Стево Пендаровски јавно се откажа од македонските национални интереси и интересите на граѓаните и ја одбра антимакедонската политика, и по кој знае кој пат покажа и докажа дека не е на страната на граѓаните, туку е на страната на тесно партиските политички, антидржавни интереси на СДСМ, Димитар Ковачевски и Зоран Заев како основоположник на сите овие неуспеси на Република Македонија“, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ, откако претседателот на државата вчера изјави дека нема никакво разбирање за барањето за референдум.

„Наместо заштитник на државните и националните интереси како што сакаат граѓаните да изгледа и да биде и да работи нивниот претседател на државата, претседател на Република Македонија како што треба да изгледа, Стево Пендаровски стана соучесник на Ковачевски и негов послушник“, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Димче Арсовски, според кого по само неколку денови Пендаровски ретерирал од сопствените ставови.

„Ретерирајќи од референдум, за кој што и самиот Пендаровски се изјасни дека треба да има референдум со чесна формулација, кој треба го поддржат сите политички партии, Стево Пендаровски покажа дека или нема политички капацитет да има сопствен став на кој што ќе опстои цело време, или пак Ковачевски и Зоран Заев сериозно го имаат притиснато и му имаат покажано дека тој е само нивни пиун кој го манипулираат и управуваат како сакаат од Владата“, рече Арсовски.

Пендаровски, додаде тој, во само неколку дена успеал да го излаже целиот народ; најпрвин за да ги придобие симпатиите на граѓаните и на јавноста, се изјаснил дека треба да има референдум во насока како што ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски предложија, за потоа, политички кажано, Владата да му свитка рака и да му каже дека не треба референдум и сето тоа било манипулација.

„Граѓаните можат да ја видат антимакедонската страна на Пендаровски на дело. Драстично менување на ставови и биполарно политичко однесување во само неколку денови може да се карактеризира како политичка незрелост за заземање став за крупни и важни политички прашања“, рече Арсовски.

Тој потенцираше дека, како што рече, дали да се случи референдумот не е прашање на желба на Пендаровски, туку морална обврска на еден сериозен претседател на држава кој треба да оди по линија со граѓаните.

Арсовски, воедно, го повика Пендаровски („ако е самостоен политичар и институција а не човек со кој управуваат Владата и Ковачевски“), „да се поправи“, порачувајќи му дека „сѐ уште има шанса“ тоа да го направи.

„Сепак, интересот на граѓаните и на државата е поважен од сѐ, вклучително и од ретерирањето на Пендаровски. Кога еднаш го сменил ставот, може уште еднаш, само и само во интерес на граѓаните и на Република Македонија“, повика портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Пендаровски, пак, вчера изјави дека тврдењата дека поддржува референдум се само манипулација на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата – Христијан Мицкоски.

„Немам никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, станува збор за манипулација која Христијан Мицкоски ја прави прилично неочекувано“, изјави шефот на државата во интервју на ТВ „Канал 5“, прашан дали е за референдум за францускиот предлог.

Според него, тоа што Мицкоски го прави е единствено политичка мобилизација на своето членство.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

„Се мачат да направат формулација, точка 4, алинеја 5 ќе ја оспоруваме од рамката… Знаете што е тоа? Тоа е Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Не може да влезеш ниту во Европа ниту во НАТО, ако немаш договори со комшиите. Јас велам, повелете прашајте, но фер е да кажете дека сте против. Само едно прашање за мене е релевантно: ‘Дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ’, толку“, изјави Пендаровски.

Според него, со вака чисто прашање, „про-европската коалиција ќе ја победи анти-европската коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица“.

„Ако не биде така, сите ние што сме сега на ова место ќе се повлечеме и ќе речеме ‘повелете, терајте, имате многу широки опции, имате движење на неврзаните, имате Азија, имате Русија…’ “, рече Пендаровски.

Прашан зошто се брзало со прифаќањето на францускиот предлог, шефот на државата рече дека го признава својот дел од вината во „лошото менаџирање на очекувањата во јавноста“.

„Медијаторите од Брисел и Париз рекоа дека додека не е договорено сѐ – се смета дека ништо не е договорено, и не треба ништо од тоа да оди во јавноста. За жал, ние тоа го почитувавме, но нашите другари, колеги и пријатели од Софија – не го почитуваа“, изјави Пендаровски.

Според него, штетата со шпекулациите во јавноста веќе била направена и можеле уште шест месеци да ја објаснуваат, но, како што рече, веќе добар дел од народот бил изманипулиран.

„Доцна го објавивме протоколот, доцна го објавивме предлогот. Меѓутоа, сега откако е објавен го има на интернет. Велам, кажете каде пишува дека ние само како Бугари ќе влеземе во ЕУ. Покажете ми, каде пишува… нигде“, рече Пендаровски.

Реалноста, според него, е дека од првичните барања на Бугарија и првичната бугарска декларација, во рамката нема неколку од нивните клучни барања.

„Прво, до ’44-та година да пишеме во учебници и секаде дека ние сме биле Бугари. Тоа го нема во рамката. Второ, македонскиот јазик бил до ’44-та година дијалект на бугарскиот јазик. Тоа го нема во рамката. Од ’41 до ’44 година биле ‘администратори’, а не ‘окупартори’, и тоа го нема во рамката. Точка 12 од Договорот вели еднаш годишно владите се собираат и велат да видиме до кај сме сега и што сме постигнале“, изјави Пендаровски.

Во однос на преговорите со ЕУ и натамошното однесување на Бугарија, Пендаровски рече дека „очекуваат разумно однесување од другата страна“, но очекуваат и дека повторно може да има неразумни барања.

„Гаранции има дека европската рамка не содржи понижувачки ставови за македонскиот народ. Мислам дека сме на јасно и на хартија пишува дека рамката не е понижувачка за македонскиот народ“, тврдеше Пендаровски во интервјуто.

За Комисијата за историски прашања, Пендаровски рече дека истата работи веќе три години и се покажало дека таму се луѓе со интегритет и дека сите се експерти.

„И со ова што досега го договорија историчарите ние почнавме преговори. Значи некакво движење имаме. Како ќе биде понатаму, јас имам апсолутна доверба во луѓето од Драги Георгиев, до последниот член на Комисијата“, рече Пендаровски.

- Реклама -