Украинците ветиле дека нема да ги користат ракетните системи од САД за напад на цели на руска територија, вели Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска објави дека украинските власти го увериле дека нема да ги користат системите за оружје со голем дострел обезбедени од Вашингтон против цели на руска територија.

Американскиот претседател Џо Бајден одобри нова испорака на ракетни системи за Украина што можат прецизно да погодат цели на оддалеченост до 80 километри во рамките на пакетот оружје вреден 700 милиони долари што беше претставен денеска.

Москва, од друга страна, негативно го оцени новиот пакет американска воена помош за Украина, кој вклучува и испорака на ракетни системи ХИМАРС, иако Белата куќа уверува дека ракетните системи нема да можат да погодат цели надвор од украинската територија.

Прочитајте и:  Џентилони: Г7 ќе има рамковен договор за заем од 50 милијарди долари за Украина до октомври

„Несоодветни се обидите на Вашингтон да покаже дека испораката на таквото оружје содржи елементи на ‘самоограничување’ за Киев“, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи – Сергеј Рјабков, оценувајќи го потегот на САД како негативен, а обидите да се прикаже елемент на самовоздржаност – како бескорисни.

Според него, „очигледно е дека САД се на чело на групата земји кои режимот во Киев го пумпаат со оружје“ и дека „жонглирањето и манипулирањето со некои поединечни аспекти на тоа што се случува, не ја менува целокупната слика за Русија“, пренесоа руските медиуми.

Извор: МИА

- Реклама -