Throttle/Brake – епизода 92: La Voiture Noir , Јеско и 003

Bugatti La Voiture Noir. Каков автомобил! La Voiture Noir на нашки е “Црниот автомобил”. Нема да ве гњавам многу со бројки, бидејќи Црниот автомобил е всушност Bugatti Chiron, облечен во најубавото руво…

Приказната за овој автомобил започнува во далечната 1936 година, со производството на четирите Bugatti Type 57 SC Atlantic. Името “Атлантик” е во чест на другарот на Жан Бугати, пилотот Жан Мермоз кој загинал при обидот да го прелета Атланскиот Океан. Жан Бугати е синот на Еторе, кој бил одговорен за проектот Type 57. За време на почетокот Втората Светска војна, фабриката на Bugatti била во окупираниот дел на Франција. Во 1938 година, Еторе Бугати решава да ја премести фабриката во јужниот дел на Франција, односно во Бордо, кој се уште не бил под окупација на нацистичка Германија. За време на транспортот на машини, автомобили и опрема, му се губи секаква трага на автомобилот на Жан, црниот Bugatti Type 57 SC Atlantic со број на шасија 57454. До ден денешен, оваа “митска” приказна не е разјаснета, ниту пак La Voiture Noir е најден. Се зборува дека доколку овој автомобил денес се најде на аукција, неговата цена би достигнала вртоглави 100 милиони евра.

Bugatti Type 57 SC Atlantic.

Друга клучна фигура во оваа неверојатна Bugatti приказна е Фердинанд Пиех, внукот на Фердинанд Порше, и човекот поради кој живеат легендарните Porsche 917 Audi Quattro. Бај д веј, сите машки потомци на Фердинанд Порше, се викаат Фердинанд. Како и да е, истиот овој Пиех, кон крајот на деведесеттите, но како еден од клучните луѓе во Volkswagen групацијата, решава да го спаси банкротираниот Bugatti и го спојува францускиот бренд со германскиот гигант. Од таму во 2003-тоа се раѓа Bugatti Veyron и останатото е историја. Третата клучна фигура од зад кулисите е харизматичниот CEO на Bugatti, Стефан Винкелман, експертот за специјални и лимитирани серии на автомобили, кој во Bugatti дојде од Lamborghini, бренд кој исто така е фирма ќерка на Volkswagen. Со доаѓањето на Винкелман, беше повеќе од јасно дека во блиска иднина ќе видиме некоја специјална серија на моделот Chiron. По Chiron Sport и неверојатниот Bugatti Divo, во чест на Фердинанд Пиех и митскиот црн Atlantic на Жан Бугати, направен е најскапиот нов автомобил во светот, Bugatti La Voiture Noir.

Bugatti Atlantic и La Voiture Noir.

Сега сигурно се прашувате чуму овој неверојатно скап 1/1 автомобил, кога неговиот сопственик Фердинанд Пиех има 84 години? Која е поентата на Црниот автомобил? Најпрво автомобилот ќе патува насекаде со карванот на Bugatti, односно ќе биде присутен на сите саеми и богаташки приредби од Хонг Конг до Лос Анџелес, и ќе биде мамка за оние со многу пари, кои го слушаат срцето наместо разумот и имаат желба да имаат свој единствен црн или било каков друг 1/1 автомобил. За ваша информација, La Voiture Noir деновиве е во Дубаи. Следна дестинација? Хонг Конг можеби?!По завршувањето на неговата мисија, La Voiture Noir ќе се пресели во музејот на семејството Пиех или Bugatti, каде што ќе биде паркиран, и ќе ја очекува својата неизвесна судбина. Бај д веј, Пиех во Женева претставија свој електричен автомобил во форма на супер спортско GT купе.

 

Koenigsegg Jesko

500 километри на час а Шведско? Koenigsegg Jesko! Кога сите очекувавме Bugatti конечно да “најдат” пневнатици за нивниот Chiron и да “мрднат” од 420 километри на час или Џон Хенеси да го однесе својот миленик F5 на некоја писта на NASA и да сврти 500 на саат, од Шведска пристигна Koenigsegg Jesko, првиот автомобил што ќе достигне брзина поголема од 482 километри на час. Сите знаеме дека Koenigsegg се “скандинавски” сериозни кога е во прашање максималната брзина на нивните автомобили. Во 2017-та немаа каде да ја истрчаат Agera RS, па тоа го направија на отворен пат во Невада и притоа достигнаа рекордни 458 километри на час.

Од каде името Jesko? Кога Кристијан Вон Коенигсег имал 22 години и визија за својот супер автомобил, неговиот татко Јеско е првиот што го поддржува својот син во остварувањето на соништата. И замислете, до последниот момент во Женева, Јеско Коенигсег не знаеше дека најновиот меѓа автомобил на неговиот син го носи неговото име.

Зошто да им се верува на Koenigsegg кога тврдат дека Jesko ќе оди преку 300 милји на час? Епа…
Најпрво, поради фактот дека најбрзиот автомобил во светот во моментов е Koenigsegg Agera RS. Ако овој факт не ви е доволно убедлив, под хаубата се наоѓа 5.0 литарски V8 битурбо, засилен до 1600 коњски сили, а Jesko тежи само 1420 килограми со сите течности во него. Магичниот сооднос на сила и маса за еден автомобил да биде неверојатно брз беше 1:1, а кај Jesko е 1.2 коњски сили на еден килограм. Влечната сила, односно силата која ве лепи за седиштето е измерена на неверојатни 1500 Nm. Од скромниот репертоар на премиум автомобили во кои седнал мојов задник, за споредба би го издвоил Maybach S650 Cabriolet, кој има 1000 Nm влечна сила и при полн гас го намалува капацитетот на белите дробови. Каде се уште 500 Nm плус!? Силата на задните тркала се пренесува преку (внимавајте), девет степен автоматски менувач со 7 спојки, односно нешто сосема ново за што ќе пробам да дадам објаснување во продолжение на текстот. Уште една интересна новина е правата радилица (не сум сигурен за дека има превод на македонски јазик), која е 5 килограми полесна од старата, која работеше под агол од 90 степени, и му овозможува на апдејтираниот 5.0 твин турбо V8 да врти до 8.500 вртежи во минута и малку да ја засили музиката која ја свират домашно направените карбо-титаниумски издуви. И покрај тоа што швеѓаните сѐ доволно искусни со хибридните погони, Кристијан решил Jesko да биде најбрзиот бензинец во светот. И ќе биде, кај и да е…
Ах, да менувачот. Автоматизиран менувач со девет степени и седум квачила кој тежи само 90 килограми. Наједноставно да ви објаснам како новиот менувач работи, е со велосипед, односно 21 брзинец и неговите менувачи, со три големи ѕвезди во осовината кај педалите, и седум помали на задната осовина. Следете ме! Кога возите велосипед со 21 брзина, во секој момент можете да префрлите од 3 во 21 на пример, без притоа менувачот да постепено да уфрла во 4,5,6 и тн. Новиот менувач на Jesko, има два сета од по три такви ѕвезди со седум квачила, со кои може да менува во која брзина сакате, на пример од трета во деветта, без притоа да менува постепено, брзина по брзина. Оваа револуционерна технологија има и свој систем наречен UPOD – Ultimate Power on Demand. Во превод, возите наоколу во деветта брзина при 130 километри на час, сакате да престигнете, Jesko почнува да се гуши, ја мавате левата палка за менување брзини до пола и менувачот префрла еден степен надолу, односно во осма брзина. Подолу по патот, при иста брзина од 130 километри на час, наидувате на четири огромни шлепери, целосно ја притискате левата палка за менување брзини и UPOD префрла во брзината која во тој момент нуди најдобро забрзување и можност да се искористи потенцијалот од 1600 коњски сили. Доста се бројки и технологии за денес.

Пред да продолжам во правец на естетика, да напоменам дека Jesko е достапен во две варијанти: првата е хард-кор верзијата која е наменета за тркачките патеки, со екстремна аеродинамика и потисна сила од 1000 килограми при 275 километри на час, а втората е суштината на Jesko, односно повеќе од 482 (300 милји на час) километри на час. Јас би одел со втората варијанта.

Сега би сакал да го уфрлам Хорацио Пагани и неговото дело во приказнава. Нели Хорацио беше бастионот на брилијантна автомобилска естетика, човекот кој прави уметнички дела на тркала!? Така е! Но, не е сам. Дали знаете дека се што гледате (и не гледате) на Jesko, освен гумата на бришачот на ветеобранското стакло е направено во погоните на Koenigsegg. Буквално се. Дизајн, мотор, шасија, елементи од карбон фибер и другите благородни материјали и нивно моделирање, бои, суспензија, кожа, тркала, сопирачки, светла и буквално се. Нивото на деталите на Jesko, по сите параметри го надминува нивото на било кој Pagani автомобил досега, и слободно можам да констатирам дека Koenigsegg Jesko е најбрзото уметничко дело во светот.

Уметничката внатрешност на Koenigsegg Jesko.
Тројна задна суспензија (и предна) суспензија.

 

Koenigsegg Jesko на саемот за автомобили во Женева.

Aston Martin AM-RB 003 и Vanquish Vision

Пред неколку месеци во една од епизодите пишував за “бегството” на инженери од Ferrari во Aston Martin. Тројцата инженери биле едни од главните луѓе кои работеле на супер спортските серии на Ferrari, односно оние кои се со мотор во средината, поточно 458 Italia, 488 GTB па и F8 Tributo. Ако внимателно ја анализиравте таа информација тогаш, ќе знаевте дека во блиска иднина и преродениот Aston Martin би требало да направи “таков” супер спортски автомобил со мотор во средината. Го направија, но исто така направија паника и конфузија во таборите на Вокинг и Маранело, бидејќи тој автомобил ќе се вика Vanquish. Но, само до пред некој ден Vanquish беше GT автомобил со V12 атмосферски мотор напред! Што се случи? Aston Martin со овие два нови супер автомобили испишува нови страници и успеси, во кои директно оди против Ferrari и McLaren. Да ги разјаснам работите…
Новиот Aston Martin Vanquish ќе оди против 458/488 линијата на Ferrari маскирана во новиот F8 Tributo и 720 S и 600 LT на McLaren. Aston Martin 003 (можеби Валхала или Вален) ќе ја пополни празнината помеѓу новиот Vanquish и хипер автомобилот Valkyrie, и засега негов единствен и реален конкурент е McLaren Senna. Некаде ќе слушнете дека 003 ќе оди и против Mercedes AMG One, но според мене, таа тешка битка ќе ја води Valkyrie. Започнав со старо новиот Vanquish, па да продолжам со него.

Aston Martin Vanquish Vision.

Заборавете на се што сте знаеле и слушнале за Vanquish досега. Освен името, новиот сериски знаменосец на Lagonda ќе нема ништо заедничко со автомобилот од претходната генерација. Наместо атмосферски V12 мотор монтиран на предната оска, Vanquish Vision најверојатно ќе има V6 битурбо во средината, на кој ќе му помага електричен погон кој ќе биде сместен на предната оска, за да се добие еден вид погон на сите четири тркала и распоред на силата 70:30 или 60:40. Со овој сетап, силата која треба да ја очекуваме, е нормално трицифрен број, кој би требало да започнува со бројот 7, ако не и 8. Засега тоа е се за следната генерација на Aston Martin Vanquish.

Продолжуваме понатаму. Детето на Valkyrie. Aston Martin 003 е хипер автомобил кој ќе биде произведен само во 500 примероци. 003 ќе биде директен ривал на McLaren Senna, ќе биде фокусиран на тркачките патеки, но во исто време ќе нуди многу повеќе комфор од неговиот екстремен татко. А и многу поприфатлива цена, но зависи од кој аспект ќе цените. Автомобил во кој ќе можете да влезете и излезете, без да имате вештини на астронаут.

Прво и основно, мотор и моќ? Моторот ќе биде истиот V6 твин турбо како и кај Vanquish, монтиран во средината, хибрид, со зафатнина од 2.5 до 3.0 литри (моја проценка) и моќ на LaFerrari.

Aston Martin AM-RB 003.

Како што можете да забележите на сликата, 003 има исто така радикални аеродинамични решенија. Огромната “уста” и трите канали за воздух, завршуваат кон самиот крај на задниот дел на автомобилот, односно како ладење за моторот. Да бидам попрецизен, патот на тој силен воздух кој ќе го вдишува огромната уста ќе ја дефинира брзината на 003. Иако 003 не изгледа екстремно како Senna, убеден сум дека ќе генерира минимум 50-100 килограми повеќе потисна сила (downforce) од автомибилот кој го носи името на најдобриот возач на сите времиња. Око ми фати задното интегрирано крило, создадено во соработка со NASA, кое е всушност самовенилирачка “флексибилна фолија” чии краеви пивотираат под притисок на воздушните струи, што значи дека диетата на задниот дел нема да биде нарушена со хидрауличен механизам и огромно крило. Под оваа технологија позајмена од NASA, се наоѓа најголемиот заден дифузер што сум го видел досега кај сериски автомобил.

Внатрешноста е крајно минималистичка, со статични седишта кои се излиени заедно со монококот, 3Д испринтана централна конзола со која се заштедуваат 50% маса, волан со неколку команди и 10 инчен дисплеј во кој треба да гледате преку воланот. Се друго, ќе ви биде достапно на вашиот смартфон преку апликација. Има и држач за вашиот смартфон. Цена? Околу 60 милиони денари.

Внатрешноста на Aston Martin 003.

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -