Стано: Одржувањето на врски со Русија не е во согласност со принципите за членство во ЕУ

Одржувањето на врски со Русија како да е се нормално, не е во согласност со принципите на пристапниот процес и членството во ЕУ, изјави денеска главниот портпарол за надворешни работи и безбедносна политика на Европската комисија Петер Стано, во коментар на изјавата српскиот вицепремиер Александар Вулин дека „Србија не е само партнер, туку и сојузник на Русија“.

– Русија е земја која под водство на (претседателот Владимир) Путин ги крши Повелбата на ОН и меѓународното право, што воедно е спротивно на принципите на кои е изградена ЕУ. Очекуваме Србија да се воздржи од интензивирање на врските со Русија и сите членови на српската Влада да ги почитуваат обврските што Србија ги презеде доброволно кога станува збор за процесот на пристапување во ЕУ, изјави Стано.

Според него, не е јасно во чие име зборува Вулин, кога претседателот на Србија и други челнови на Владата постојано повторуваат дека стратешка цел и приоритет на земјата е придружување во Унијата.

Прочитајте и:  Гроси: Ќе мора да се урне кулата за ладење во нуклеарната централа Запорожје

– Србија аплицираше за членство во ЕУ. Мислам дека досега сите знаат кои се принципите на процесот на пристапување и потенцијално членство во ЕУ, истакна портпаролот на ЕК.

Стано додаде дека еден од тие принципи е и усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

– Одржувањето или дури и зајакнување на врските со Русија во време на нејзината илегална агресија врз Украина и украинскиот народ не е во согласност со вредностите на ЕУ и со пристапниот процес, истакна Стано.

Според него, ЕУ со загриженост потенцира дека ваквите постапки и изјави на Вулин, што не се прв случај, не одат во прилог на декларираните цели на Србија за зачленување во Унијата.

- Реклама -