Според Ахмети, Груби нема само „да го менува Заев на седници“, туку и ќе кораководи со владата

Наспроти тврдењата на Заев дека дека поставувањето на Артан Груби на позицијата „прв вицепремиер“ не значи узда за премиерот и е во насока на подобра координација на коалиционите партнери и „да се даде важност“, а улогата на Груби ќе биде „да го менува на седници“, лидерот на интегративците не мисли така.

Во изјавата пренесена од „Телма“, Ахмети практично потврдува дека ДУИ од Заев го очекува она што го пренесоа медиумите на албански – дека премиерот нема да може да носи одлуки без согласност на Груби. Имено, според Ахмети, кога Заев зборува за „прв вицепремиер“ – зборува за функционер кој ќе „кораководи“ заедно со премиерот.

„Ние воспоставивме партнерство и последователно оваа влада ќе се кораководи од премиерот и првиот вицепремиер, кој истовремено е и министер за политички систем, преку консензуално одлучување како начело на ковладеењето. За првпат во државата ќе се промовира и ќе се врши функцијата прв вицепремиер и оваа личност ќе биде еден од нас“, рече Ахмети, цитира „Дојче веле“.

Од друга страна, во изјава по седницата на Централниот совет на ДУИ што ја пренесе „А1он“, Ахмети зборуваше за правната реализација на овој принцип на носење на одлуки:

„Консензуалноста се применува во носење на буџетот, како и сите одлуки. Таму каде што нема консензус, нема функционалност. Сите влади се политички и на прво место за нас е начелото на консезуална демократија. Тоа беше порано и сега нема да има никава промена. Како ќе се регулира во Владата носењето на одлука на премиерот и првиот вицепремиер, не сум правник за да дадам интерпретација“, изјавил Ахмети, цитира „Дојче веле“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе донесеме нов Кривичен законик, но согласно европските стандарди, а не според нечии потреби

Во вчерашната изјава, одговарајќи на новинарско прашање за улогата на „првиот вицепремиер“ Груби, Заев истакна дека ќе нема такво нешто како врзан потпис и дека премиерот е единствен што потпишува, но притоа не прецизираше дали „ќе му биде дозволено“ сам да ги носи одлуките.

Консензуалното одлучување беше едно од предизборните ветувања на ДУИ и кандидатот за премиер Албанец – Насер Зибери. На симболичната „владина седница“ (предизборниот митинг одржан пред зградата на Владата), Зибери најави дека ќе донесе и имплементира консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност:

„Ова значи дека 10-те стратешки државни институции ќе управуваат заеднички од еден Македонец и еден Албанец, со заеднички права за потпишување. Ќе се грижам за еднаква дистрибуција на јавните инвестиции. Ова значи дека главните економски одлуки (буџет, инвестиции, даноци) од страна на владата не можат да бидат донесени без поддршка од мнозинството членови на албанскиот кабинет“, изјави тогаш Зибери.

 

- Реклама -