Зибери одржа „владина седница“ и најави мултиетничка химна, задолжително учење албански и двојно раководство во 10 најважни државни институции

Мултиетничка химна, задолжително учење албански јазик, раководство од Македонец и Албанец во десетте стратешки институции во државата – со заеднички права за потпишување, 13 август да биде државен празник (денот на потпишувањето на Рамковниот договор)… Ова се дел од точките во програмата кои кандидатот за премиер Албанец на ДУИ Насер Зибери ги презентираше денеска на бина пред зградата на Владата на, како што најавија од ДУИ, „првата владина седница на која ќе им ја претстави владината програма на граѓаните“.

Пред десетте присутни министри, Зибери се обрати само на албански (на видео бимот најважните програмски определби беа испишани на албански и македонски), и вети дека ќе ја искористи историската можност да направи добро за албанската заедница и за целата земја, најавувајќи лидерство што ќе им служи на граѓаните, а не на партиите.

Зибери најави и дека ќе донесе и имплементира консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност:

„Ова значи дека 10-те стратешки државни институции ќе управуваат заеднички од еден Македонец и еден Албанец, со заеднички права за потпишување. Ќе се грижам за еднаква дистрибуција на јавните инвестиции. Ова значи дека главните економски одлуки (буџет, инвестиции, даноци) од страна на владата не можат да бидат донесени без поддршка од мнозинството членови на албанскиот кабинет“, рече кандидатот на ДУИ.

Зибери најави и, како што самиот рече, „смела“ заложба за воведување на задолжителни часови по албански јазик, почнувајќи од 5-то одделение, во секое училиште. Иницијативата, рече, ќе значи продолжување на патот кон вистинската еднаквост и ќе им служи не само на Албанците, туку и на Македонците.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Зибери најави и „сеопфатност и еднаквост“ во химната:

„Почитувањето на сите значи да се почитува меѓусебната култура, вредности и историја. Предлагам 13 август, денот на потпишувањето на Охридскиот договор, да се прогласи за национален ден. Еднакво место значи дека ние ја почитуваме мултиетничката и мултикултурната разновидност. Затоа предлагам да се постигне консензус за химната на нашата земја, да се рефлектира оваа разновидност – затоа што овој симбол не треба да биде симбол на исклучивост и нееднаквост, туку на сеопфатност и еднаквост“.

Зибери истакна и дека државата треба да им помогне на сите што сакаат да работат и да создадат работни места, најавувајќи субвенции и политика на нула даноци – нула данок на добивка за три години за секој вработен за прв пат под 35-годишна возраст, како и субвенционирање на 50% од социјалните придонеси „за секое ново вработување што ќе го подобри фер претставувањето на сите етнички заедници во приватните претпријатија“.

Покрај ова, Зибери предложи и минимална плата од 600 евра за секоја медицинска сестра, наставник и учител, а најави и флексибилно, односно скратено работно време во петок, како и закон за забрана казината и игрите на среќа во близина на училиштата, црквите и џамиите.

Чуда, рече, не може да направи, но вети дека еден од главните приоритети ќе му биде намалување на иселувањето, особено на младите.

Извор/Повеќе детали на „Плусинфо“.

 

- Реклама -