„Шангајската Организација за соработка (ШСО) денеска од самитот во Астана ќе повика на создавање фер мултиполарен светски поредок “, рече рускиот претседател Владимир Путин, користејќи ја фразата упатена против хегемонијата на САД, која тој силно ја осудува.
Во главниот град на Казахстан вчера беше отворен дводневниот самит на Шангајската организација за соработка, форум основан во 2001 година од Кина и Русија како чувар на безбедноста во евроазискиот регион.
Заедно со Русија и Кина, сега овој блок го сочинуваат поранешните советски републики во Централна Азија, како и Индија и Иран.
-Во завршната изјава, земјите-членки ќе ја истакнат својата посветеност за создавање фер, мултиполарен светски поредок заснован на клучната улога на Обединетите нации, меѓународното право и аспирациите на суверените држави кон заемно корисно партнерство, рече Путин на отворање на пленарната седница.
За Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг, овој „мултиполарен“ свет е алтернатива на американската хегемонија во светот, што и двајцата лидери ја осудуваат. По руската инвазија врз Украина, Путин во голема мера ги зголеми напорите да ги обедини земјите од Азија, Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка околу оваа идеја.
Досега ШОС имаше девет членки, Кина, Индија, Иран, Русија, Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Пакистан и Таџикистан,а од денеска Белорусија се приклучи кон организацијата како десетта членка.