Косовскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции и дијалог, Бесник Бислими, вели дека на вчерашниот протест на српски екстремисти на границата со Косово постоел српско-руски план за палење на граничниот премин Јариње, но Белград се откажал од неговата реализација, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешната објава на неговата страница на Фејсбук, Бислими тврди дека анализата на косовските безбедносни институции покажува дека „вистинскиот автор“ на вчерашниот протест на српско-косовската граница е рускиот претседател, Владимир Путин.
Според првиот косовски преговарач во дијалогот со Србија, планот на српско-руските служби за предизвикување поголем инцидент бил осуетен од косовските безбедносни механизми, во соработка со западните сојузници, пред сé со САД.
„Без оглед на тоа што српската полиција вчера се појави запирајќи ги хулиганите да не го запалат Јариње, тоа не е ништо друго освен чин на повлекување од српска страна, откако увиде дека нешто такво ќе им пропаднеше. Овој план беше спречен од институциите на Република Косово (посебно безбедносните механизми), во соработка со западните партнери (пред сé Американците)“, напиша Бислими.
Тој порача дека, „како што Србија ги има за сојузници Русија и Кина, Косово ги има Западот и САД“.
„Тие ја претставуваат агресијата, ние ја претставуваме слободата“, напиша Бислими.
Вчера, 18 декември, на српската страна на премиенот Јариње се одржа протестен собир од лица за кои Косово тврди дека се српски екстремисти организирани од руската група „Вагнер“, при што беа објавени видео-снимки и фотографии на маскирани лица вооружени со калашникови. Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека Приштина нема уште долго да ги толерира блокадите, посочувајќи дека КФОР (мисијата на НАТО во Косово) побарала „уште малку време“.
Извор: МИА