Песков: Проширувањето на НАТО е навлегување во безбедноста на Русија

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека приемот на нови земји во НАТО ќе влијае врз билатералните односи на Русија со тие земји.

„Се разбира, ова (проширувањето на НАТО) не може а да не влијае на природата на билатералните односи со оние земји кои стануваат нови членки на Алијансата. Алијансата сè уште е непријателска структура и на многу начини непријателска кон Русија“, посочи Песков.

Тој истакна дека „членството на Финска во НАТО е уште едно влошување на ситуацијата, а проширувањето на Алијансата е навлегување во безбедноста на Русија“.

Истовремено, тој нагласи дека ситуацијата со Украина, чие евентуално членство во НАТО е неприфатливо за Русија, е „многу поинаква од онаа со Финска“, бидејќи, рече, Хелсинки никогаш не бил против Москва.

Прочитајте и:  Зеленски: Украина може годишно да произведува четири милиони дронови

Тој додаде дека Москва „внимателно ќе следи што ќе се случи во Финска, како Северноатлантската алијанса ќе ја користи финската територијата, дали ќе распореди оружје, системи, инфраструктура што ќе бидат блиску до нашите граници и потенцијално ќе не загрозат. Во зависност од тоа ќе бидат преземени мерки“.

Финска од денеска е 31 земја-членка на НАТО, откако го надмина противењето од Турција. Финска заедно со Шведска во мај 2022 година побараа да бидат членки на Северноатлантската алијанса, по руската инвазија врз Украина.

Турција продолжува да ја блокира кандидатурата на Шведска за членство поради голем број спорни прашања, вклучително и загриженоста на Анкара поради „недостиг на соработка во борбата против тероризмот“.

МИА

- Реклама -