Прескокни до содржината
Реклама

Раст на прометот со храна и горива, пад кај непрехранбените производи во септември

Раст на прометот со храна и горива, пад кај непрехранбените производи во септември
Фото: Нетпрес

Прометот во трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун во септември 2026 година бележи номинален пораст од 24,1 процент и реален пораст од 19,4 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Зголемување е забележано и кај трговијата на мало со автомобилски горива, каде што номиналната стапка на прометот е зголемена за 38,7 проценти, а реалната за 12 проценти.

Од друга страна, трговијата на мало со непрехранбени продукти, освен гориво, бележи намалување на прометот за 13,9 проценти номинално и за 9,2 проценти реално.

Во вкупната група трговија на мало, освен трговија со горива, прометот е зголемен за 3,9 проценти номинално, а за 4,7 проценти реално.

Се обиделе да се пресметаат со остри предмети: се степале во заедничкиот двор во Гостиварско

Се обиделе да се пресметаат со остри предмети: се степале во заедничкиот двор во Гостиварско
Фото: Опсервер

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.Ј.(51) од с.Форино, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.

Имено на 13.08.2026 во заедничкиот двор на пријавениот и В.А., по претходно нерасчистени имотно-правни односи, се обиделе да се пресметаат со остри предмети.

Санчез: Довербата во брзите железници е нарушена по несреќата

Санчез: Довербата во брзите железници е нарушена по несреќата
Фото: Опсервер

Шпанскиот премиер Педро Санчез денес изјави дека довербата на граѓаните во брзиот железнички систем е нарушена по сериозната железничка несреќа во покраината Толедо, и рече дека должност на владата е да ги утврди причините за трагедијата и да спречи повторување на слични несреќи.

„Довербата во брзиот железнички систем во нашата земја е нарушена. Задача на владата не е само да ги утврди причините за тоа што се случило, туку и да понуди решенија за да не се повтори трагедија од ваков размер“, рече Санчез по состанокот на Центарот за координација на вонредни ситуации (CECOPI) во Толедо, пренесува „Паис“.

Тој оцени дека е неприфатливо Шпанија, која има развиена мрежа на брзи железници, да доживее две несреќи со голем број жртви во истата година.

Санчез додаде дека меѓу жртвите може да бидат граѓани од дури 27 земји.

Претседателот на регионалната влада на Кастиља-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пахе, објави дека нивото на вонредна состојба е намалено од второ на прво ниво, што подразбира постепено повлекување на дел од спасувачките екипи и другите ангажирани служби.

Во спасувачката операција учествуваа повеќе од 1.300 припадници на различни служби.

Гарсија-Пахе предупреди дека бројот на жртви може да биде поголем, наведувајќи дека 70 лица се пријавени како исчезнати, како и дека се собрани 31 вреќа со делови од останките, што дополнително го комплицира процесот на идентификација.

Според најновите податоци, идентификувани се 13 мртви, додека семејствата на осум жртви се информирани за нивниот идентитет.

Во меѓувреме, опозициската Народна партија (ПП) побара утврдување на политичката одговорност на министерот за транспорт и одржлива мобилност, Оскар Пуенте.

Портпаролката на партијата, Естер Муњос, оцени дека министерот треба да поднесе оставка или да биде разрешен.

Најавени протести на младите во Германија, луксузните продавници ги обезбедуваат излозите

Најавени протести на младите во Германија, луксузните продавници ги обезбедуваат излозите
Фото: Нетпрес

Во околу триесет германски градови за утре се најавени протести организирани од иницијативата „Gen Z regelt“ („Генерацијата Z презема иницијатива“). По немирите и грабежите што се случија за време на протестите во Франција, германските трговци преземаат мерки на претпазливост. Во моментов, полицијата нема информации за конкретни планови за насилство.

Иницијативата „Gen Z regelt“ ги повика младите да се приклучат на протестите, барајќи поголеми инвестиции во училиштата и поддршка за менталното здравје, попристапни трошоци за живот и поправедна распределба на финансиските товари меѓу генерациите. Тие се залагаат за заштита на граѓанските права и климата, а истовремено се противат на повторното воведување на задолжителниот воен рок.

Организаторите тврдат дека собирите ќе бидат мирни; сепак, најавите предизвикаа загриженост по неодамнешните протести во Франција и други европски земји, за време на кои дојде до подметнување пожари, судири со полицијата и грабежи на продавници.

Германските трговци ги обезбедуваат своите објекти, додека полицијата ги следи повиците за акција на социјалните мрежи и се подготвува да распореди дополнителни сили.

Во Дизелдорф, на улицата „Кенигсале“ (Königsallee), една од најпознатите шопинг-улици во Германија, пред луксузните бутици се забележани скелиња и купишта дрвени плочи. Трговците, особено оние што продаваат накит и облека, размислуваат да ги држат продавниците затворени во текот на целиот ден, а излозите и фасадите да ги заштитат со дрвени панели. Некои планираат да ја отстранат стоката од излозите, па дури и целосно да ги испразнат продавниците.

„Никој од нас не знае што да очекува. Ова е мерка на претпазливост“, изјави Андреа Грунер, претставничка на здружението на трговци од „Кенигсале“.

Трговците се особено загрижени за скапите, наменски изработени излози, кои би биле тешки за замена непосредно пред божиќната сезона. Оваа загриженост е дополнително зголемена поради сликите од грабежи на луксузни продавници за време на протестите во Франција. Ланецот продавници за парфеми „Даглас“ (Douglas) исто така презема мерки, планирајќи утре превентивно да затвори 12 свои продавници во Германија. Компанијата не откри за кои конкретни локации станува збор. Портпарол изјави дека одлуката е донесена врз основа на проценка на ризикот и дека на засегнатите локации ќе бидат воведени дополнителни безбедносни мерки.

„Безбедноста на нашите вработени и купувачи е наш највисок приоритет“, рече портпаролот. Од „Даглас“ изразија надеж дека протестите ќе останат мирни.

Крос откри како Мурињо ја надмудрил Барселона

Крос откри како Мурињо ја надмудрил Барселона
Фото: Depositphotos

Тони Крос не крие дека е импресиониран од она што Реал Мадрид го покажа во Ел Класико против Барселона, а особено беше импресиониран од подготовката на натпреварот што ја направи Жозе Мурињо.

Поранешниот играч од средниот ред на „Кралскиот клуб“ верува дека португалскиот тренер пронашол начин целосно да ја наруши играта на каталонските гиганти.

Реал Мадрид славеше со 2:1 на „Камп Ноу“ и со тоа оствари една од најважните победи во досегашниот тек од сезоната.

Иако Барселона имаше свои периоди на добра игра, мадридскиот тим изгледаше поорганизиран, поагресивен и многу поконкретен во клучните моменти.

Еден од оние што внимателно ја анализираа играта беше Крос, кој цела деценија го носеше дресот на „Кралскиот клуб“ и добро знае што носат ваквите натпревари.

Во својот подкаст „Einfach mal Luppen“, кој го води заедно со својот брат Феликс, Германецот објасни што, според него, било клучно за победата на Реал.

Поранешниот германски репрезентативец го издвои начинот на кој Барселона го брани просторот и се обидува да го запре противникот со висок притисок.

„Доколку Барселона не успее да ја преземе контролата со својот пресинг, има големи проблеми кога другиот тим ја менува страната на нападот и со топките што се испраќаат зад грбот на одбраната. Тоа го видовме во натпреварот против Париз. Тогаш се појавуваат сериозни проблеми бидејќи тие сè уште се бранат многу ризично“, објасни Крос.

Според него, Реал Мадрид успеа да ги искористи максимално тие слабости.

Наместо да ѝ дозволат на Барселона да го наметне својот ритам, играчите на Реал постојано вршеа притисок и бараа простор зад противничката одбрана.

Кроос објасни дека играчите на Реал успеале да ги неутрализираат најопасните играчи на Барселона и да ги спречат да ја развијат својата препознатлива игра.

„Според мене, тие успеаја да се погрижат најдобрите играчи на Барселона да не се чувствуваат конфорно, да не можат да ја развијат својата игра и поради тоа да не направат грешки што инаку не би ги направиле“, рече поранешниот играч од средниот ред на Реал.

Кроос беше особено импресиониран од енергијата што Реал Мадрид ја покажа за време на средбата.

Тој верува дека агресивноста во играта без топка бил еден од клучните фактори што го одлучија победникот.

Пораките од вселената патуваат 3.000 години

Пораките од вселената патуваат 3.000 години
Фото: МКД.мк

Во вселената, комуникацијата на големи растојанија бара многу време, а астрономи од Универзитетот Харвард тврдат дека нашите пораки би можеле да патуваат дури 3.000 години пред да стигнат до вонземјаните.

Радиосигналите и сите електромагнетни бранови се движат со брзината на светлината, но незамисливите растојанија што ја делат Земјата од потенцијално населени вонземски светови значат дека дури и најоптимистичките ентузијасти се сомневаат дека вонземјаните би можеле да бидат мртви до моментот кога нашите пораки ќе стигнат до нив.

Астрономите Абрахам Лоеб и Амир Сираџ се осврнаа на ова прашање и направија пресметки врз основа на Коперниковиот принцип, кој вели дека Земјата „не мирува“ во привилегирана или посебна физичка положба во вселената и не е стационарна.

Во науката тоа значи дека не треба да се претпоставува дека луѓето имаат суштински привилегирана положба во вселената. Може со сигурност да се претпостави дека вонземјаните би ги препознале нашите радиосигнали како технолошки маркери и активно би ги следеле.

Првиот радиопренос на Земјата се случил во 1901 година, кога италијанскиот пронаоѓач Гуљелмо Маркони го извршил првиот трансатлантски пренос од Корнвол, Англија, до Сент Џонс, Њуфаундленд. Оттогаш, луѓето испраќаат радиосигнали во вселената без да размислуваат за последиците.

Тоа значи дека, доколку во радиус од 100 светлосни години од Земјата постои цивилизација со чувствителни радиотелескопи, можно е таа веќе да нè слушнала и дека веќе сме „започнале разговор“ со интелигентни видови чиј одговор сè уште го чекаме.

Вонземјаните би можеле да одлучат детално да ја истражат нашата планета пред да испратат одговор.

Вечерва концерт на пијанистите Данијел Гашпаровиќ и Дино Имери во Салон 19:19

Вечерва концерт на пијанистите Данијел Гашпаровиќ и Дино Имери во Салон 19:19
Фото: Опсервер

Вечерва со почеток во 20 часот во Салон 19:19 (Културно информативен центар – Скопје), скопската публика ќе има можност да присуствува на концерт во кој силите ги обединуваат Данијел Гашпаровиќ (Хрватска) и Дино Имери – двајца исклучителни пијанисти со меѓународно реноме. Уметниците ќе презентираат програма од Л. ван Бетовен, Б. Папандопуло, Д. Имери, М. Мошковски и М. Равел настапувајќи како четири-рачно дуо на едно пијано.

Овој настап во Скопје за Имери претставува враќање дома по исклучителните неодамнешни меѓународни успеси во Косово каде настапи со Оркестар Приштина и Маестра Дијана И. Илкоска каде изведоа дела од Моцарт, Веберн и Стравински на фантастичен прием од тамошната публика и критика, како и настапот во Германија со Вурт Филхармоникер – симфониски оркестар со светско реноме, заедно со нивниот шеф-диригент Маестро Клаудио Вандели каде во рамки на концертот “Традиција и Модерна” изведоа дури четири македонски дела од композиторите Дамир Имери, Дијана И. Илкоска и Глигор Смокварски, покрај делата на Равел. По стоечките овации, германската критика објави дека просведочила на “Вистински македонски чуда за ушите” (Андреас Дене од водечкиот регионален весник Хајлбронер Штиме), а од посебен значај е што овој оркестар ја изведе и светската премиера на делото “Рана” од Дијана И. Илкоска.

Нашиот “волшебник на пијаното” (ОПС Магазин, Франција) вечерва, пак, ќе ја оствари првата соработка со пијанистот Данијел Гашпаровиќ кој како солист и камерен музичар настапувал ширум цела Европа, а добитник е на бројни меѓународни награди и членувал во бројни престижни стручни комисии на меѓународни пијанистички натпревари. Гашпаровиќ е воедно извршен и уметнички директор на менаџерската куќа CristoforiumArt, а за време на својот престој во Скопје, во рамки на циклусот отворени предавања на Факултетот за музичка уметност, тој одржа бесплатно предавање на тема од огромен интерес за студентите и професионалните музичари: “Кариерен развој: музиката низ призмата на менаџерските куќи и организатори”. Со предавањето и вечерашниот концерт се заокружува уште едно успешно поглавје на полето на културната соработка и размена на идеи и искуства помеѓу Р. Хрватска и Северна Македонија, а концертот е поддржан од страна на Министерството за култура и туризам на РСМ.

Влезот на концертот е слободен, а повеќе информации за резервација на седишта публиката може да добие на официјалните страници на социјалните мрежи на пијанистот Дино Имери.

Песков: Учеството на европските земји во преговорите за Украина не е разгледано

Песков: Учеството на европските земји во преговорите за Украина не е разгледано
Фото: Опсервер

Можноста европските земји да учествуваат во трилатералните преговори меѓу Русија, Соединетите Американски Држави и Украина не е разгледана со ниту една од страните, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Вака одговори на новинарско прашање за пишувањето на британскиот весник „Фајненшл тајмс“, според кое Вашингтон разгледува вклучување на претставници на Велика Британија, Франција и Германија во разговорите за прекин на конфликтот во Украина.

„Не, ова не беше дискутирано со никого. Веројатно беше дискутирано во редакцијата на „Фајненшл тајмс“, рече Песков, пренесува РИА Новости.

Во исто време, портпаролот на Кремљ истакна дека рускиот претседател Владимир Путин е отворен за контакти со сите лидери со цел да се најде мирно решение за украинскиот конфликт.

„Ако разумот сè уште преовладува во Европа, бројот на политичари кои доаѓаат во контакт со Русија ќе се зголеми. Ако не, тогаш нема да се зголеми“, рече Песков.

Тој додаде дека евентуалното зголемување на бројот на европски политичари кои одржуваат контакти со Москва нема да влијае на текот на трилатералните преговори.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно, за време на состанокот со специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, ја потврди подготвеноста на Москва за продолжување на трилатералните разговори за Украина.

Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, изјави дека нова рунда преговори би можела да се одржи во Абу Даби во текот на првата половина на ноември.

Пензијата не е опција – Хамилтон сака да вози во Јужна Африка во 2030 година

Пензијата не е опција – Хамилтон сака да вози во Јужна Африка во 2030 година
Фото: Depositphotos

Луис Хамилтон не размислува за крај на кариерата во Формула 1, а неговите амбиции одат толку далеку што веќе ја објави својата желба да вози на Големата награда на Јужна Африка во 2030 година.

Седумкратниот светски шампион тогаш ќе има 45 години, но очигледно не планира да се откаже од најбрзиот циркус во светот.

Британецот е еден од најстарите возачи на гридот, но сепак верува дека може рамноправно да се натпреварува со многу помлади ривали. Пред Големата награда на Мексико Сити, тој зборуваше за своите години, физичката подготвеност и шпекулациите дека веќе е во последната фаза од својата кариера.

Хамилтон верува дека возраста не значи автоматски пад на рефлексите, а како аргумент ги наведува сопствените реакции за време на последните трки.

„Никогаш не сте имале некој како мене тука, па затоа се чувствува поинаку. Секако, постојат предизвици што доаѓаат со возраста што не можам да ги предвидам, но во текот на мојата кариера слушнав многу однапред замислени претпоставки за тоа како времето на реакција се влошува со возраста.

Дали ја видовте мојата реакција на последната трка? Моите реакции се побрзи од некои од најмладите возачи тука. Постојат многу начини да го одржите вашиот ум остар и подготвен. Доколку сте спремни да правите жртви, а јас сè уште го правам тоа, можете да продолжите“, рече Хамилтон.

Особено интересен дел од неговиот говор беше поврзан со можноста за настап на Големата награда на Јужна Африка во 2030 година. Хамилтон не криеше дека би сакал да биде дел од враќањето на Формула 1 на африканскиот континент, но признава дека не може со сигурност да предвиди каде ќе биде за четири години.

„Не можам да кажам дали за четири години ќе продолжам да го правам она што го правам сега, но ја сакам мојата работа. Сè уште сум целосно посветен и така ќе биде во догледна иднина. Дали ќе можам да се натпреварувам против 20-годишни возачи на 44 години? Којзнае. Но, на 41 година можам да се натпреварувам со нив“, рече Британецот.

Седумкратниот шампион во Формула 1 со тоа ја остава отворена вратата за можноста да ја продолжи кариерата до 2030 година. Неговата желба да се натпреварува против генерација возачи кои штотуку созреале во најбрзиот циркус дополнително покажува колку е мотивиран сè уште.

Примерот на Фернандо Алонсо, кој сè уште се натпреварува на највисоко ниво на 45 години, покажува дека долговечноста во модерната Формула 1 е возможна.

„Еуроклеар“ поседува 204 милијарди евра руски средства

„Еуроклеар“ поседува 204 милијарди евра руски средства
Фото: Нетпрес

На крајот на септември, меѓународниот депозитар „Еуроклеар“ држеше 204 милијарди евра санкционирани руски средства во својот биланс на состојба и префрли приближно 8 милијарди евра приходи од нив во Европската Унија.

Вкупната големина на билансот на состојба на „Еуроклеар банка“ на крајот на септември изнесувала 244 милијарди евра.

Овој износ ги вклучува суверените средства на Централната банка, како и средства од руски банки, компании и поединци. Депозитарот, исто така, извести за тековни судски постапки и резервираше 162 милиони евра за тужби во руските судови.

Од почетокот на Европскиот механизам за одземање на профит, депозитарот префрли приближно 8 милијарди евра приходи од блокирани средства во Европската Унија. Последната уплата од 1,4 милијарди евра беше извршена во август. Во првите девет месеци од годината, компанијата акумулираше 2,4 милијарди евра придонеси.

Руските власти постојано наведуваат повреди на имотните права поради замрзнувањето на средствата. Банката на Русија бара надомест од „Еуроклеар“ и ги оспорува ограничувањата што го спречуваат спроведувањето на судските одлуки во странство во Судот на правдата на ЕУ.

Минатиот месец, белгискиот депозитар „Еуроклеар“ поднесе две касациски жалби до Московскиот арбитражен суд во врска со барањето на Банката на Русија за 18,2 трилиони рубли.

Банката на Русија поднесе жалба до Европскиот суд на правдата за враќање на 200 милијарди евра замрзнати средства.