Прескокни до содржината
Реклама

Манчевски го освои Токио со „Сестра, брат и шахта“

Манчевски го освои Токио со „Сестра, брат и шахта“
Фото: МКД.мк

Новиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ имаше светска премиера во натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио, а интересот на публиката беше голем. По проекцијата, обожаватели чекаа цел час за да добијат автограм и да се фотографираат со режисерот и главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ.

„На Токио му дадовме шахта, а си земавме суши. Фер. Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет“, изјави Манчевски по премиерата.

По проекцијата, режисерот и актерите учествуваа и во разговор со публиката, јапонските и меѓународните медиуми. Разговорот го водеше уметничкиот директор на фестивалот, Шозо Ичијама, кој се осврна на уметничките квалитети на филмот и на општествените теми што ги отвора приказната. Гледачите поставувале конкретни прашања за режисерскиот пристап, актерската игра и пораките на филмот, споделувајќи ги и своите емотивни реакции.

„Бев одушевена да видам ваква ентузијастичка реакција од гледачите“, изјави Кјоко Хирано, која присуствувала на премиерата.

Интересот продолжил и по разговорот. Пред салата се формирала долга редица обожаватели кои чекале автограми и фотографии со македонската филмска екипа. Некои од нив донеле и плакати од претходните филмови на Манчевски, „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“, како и ДВД-изданија за да добијат потпис.

За главниот актер Филип Трајковиќ, Токио е местото од кое ликот на Виктор го започнува своето патување низ светот.

„Пресреќен сум што ликот на Виктор првпат си го покажа лицето токму во Токио и тукашната публика прва се запозна со него. Се надевам дека ќе продолжи да патува и ќе стане граѓанин на светот. Виктор го заслужува тоа“, изјави Трајковиќ.

Сара Климоска, која меѓународните медиуми ја посочиле како ѕвезда на филмот, рече дека Манчевски повторно успеал да ја расплаче.

„Малина ми е многу, многу блиска. Преку неа истражив многу човечки искуства, емоции и противречности. Ме збогати. Благодарна сум што бев дел од оваа приказна“, изјави Климоска.

На премиерата присуствувал и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој отпатувал во Токио за да ја поддржи македонската филмска екипа. Тој оцени дека светската премиера е значајна за меѓународната видливост на македонската кинематографија.

„Светската премиера на Манчевски во Токио е уште една потврда дека во современа Македонија филмот е нашиот најгласен, најсилен и најуспешен културен промотор. Преку нашите филмови, приказните, јазикот и авторскиот глас стигнуваат до публиката ширум светот“, изјави Мицевски, најавувајќи дека Агенцијата иницира промени за зголемување на филмскиот буџет и подобрување на условите за работа на филмските работници.

Манчевски и дел од екипата присуствувале и на свеченото отворање на фестивалот, каде што продефилирале на црвениот килим. И покрај есенскиот дожд, стотици обожаватели и претставници на светските медиуми ги пречекале филмските ѕвезди во токискиот кварт Хибија.

На премиерата присуствувале и продуцентот Јане Ќортошев, како и копродуцентите од Бугарија, Италија и Велика Британија – Галина Тонева, Лудовико Кантисани и Ју-Фаи Суен.

За филмот пишувал и „Холивуд репортер“, кој го забележал необичниот начин на кој Манчевски се заштитил од дождот, позирајќи со шахта, реквизит од филмот.

„Шахтите што ги крадат нашите херои во филмот ја кријат нечистотијата на општеството и го одвојуваат финиот свет од подземјето. Братот и сестрата во оваа приказна опстојуваат токму меѓу тие две сфери на општеството“, објаснил Манчевски за значењето на овој предмет.

„Сестра, брат и шахта“ е деветтиот долгометражен игран филм на Манчевски. Станува збор за комедија за оние што имаат и оние што немаат, која комбинира сатира и суптилна приказна за брат и сестра што живеат на маргините на општеството. Иако дејството се случува во денешна Македонија, филмот отвора универзални теми за животот и поврзаноста на луѓето во современиот свет.

Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, а во актерската екипа се и Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски и други.

По премиерата, на 2 и 3 ноември се закажани дополнителни проекции на филмот во рамките на фестивалот.

Двајца полски амбасадори поднесоа оставки поради кризата во Уставниот суд

Двајца полски амбасадори поднесоа оставки поради кризата во Уставниот суд
Фото: Опсервер

Полските амбасадори во Кина и Романија поднесоа оставки како реакција на спорот во Варшава околу полскиот Уставен суд, што нагло ескалираше од синоќа и во текот на ноќта, јави ДПА.

„Со оглед на обидот за незаконско преземање на Уставниот суд, повеќе не гледам можност да продолжам да ја извршувам функцијата амбасадор на Република Полска во Романија“, напиша утрово на Икс, Павел Солох, амбасадорот во Букурешт.

Неколку часа претходно, неговиот колега во Кина, Јакуб Кумох, исто така на Икс објави дека повеќе не може да ја извршува амбасадорската должност, наведувајќи слични причини.

Според полската државна агенција ПАП, двајцата дипломати претходно работеле за Анджеј Дуда, кој беше претседател во периодот од 2015 до 2025 година.

Како и неговиот наследник Карол Навроцки, и Дуда беше тесно поврзан со конзервативната партија „Право и правда“ (PiS), која владееше со Полска од 2015 до 2023 година и во Уставниот суд именуваше судии кои беа политички блиски до оваа партија.

Навроцки го прекина планираното патување во Сенегал и синоќа се врати во главниот град, во момент кога тензиите се зголемија поради објава на интернет-страницата на судот дека неговиот претседател, Богдан Швјенчковски, и неговиот заменик се суспендирани и привремено разрешени од должност.

Стотици демонстранти синоќа се собраа пред судот, протестирајќи против можноста Ана Корвин-Пјотровска, една од петте судии што неодамна беа именувани од актуелниот парламент, но чие назначување Навроцки го отфрли, привремено да го замени Швјенчковски.

Полицијата ја опколи зградата, но Навроцки, сепак, успеа да влезе во неа по пристигнувањето.

Левоцентристичката владејачка коалиција, предводена од премиерот Доналд Туск, која дојде на власт во 2023 година, се обидува да ги поништи контроверзните промени во правосудниот систем што беа воведени за време на владеењето на партијата „Право и правда“ (PiS).

Поранешна мисица меѓу загинатите во падот на воениот хеликоптер во близина на Брчко, Италија во тага

Поранешна мисица меѓу загинатите во падот на воениот хеликоптер во близина на Брчко, Италија во тага
Фото: Нетпрес

Организаторите на изборот за Мис Италија се збогуваа со Лаура Прокачи, поранешна финалистка на овој избор и италијански наредник кој загина во падот на воен хеликоптер во близина на Брчко.

Прокачи се натпреварувала во националното финале на изборот за Мис Италија, претставувајќи го регионот Пуља. Веста за нејзината смрт ја шокираше италијанската јавност, а организаторите испратија емотивна порака преку социјалните мрежи.

Во збогувањето, тие ја истакнаа нејзината нежна насмевка и храброст, велејќи дека таа засекогаш ќе остане дел од историјата на ова натпреварување.

Иако некогаш била дел од светот на убавината и модата, нејзиниот животен пат ја одвел во сосема поинаква насока. Како што објавија италијанските медиуми, Прокачи била посветена на волонтерската работа и помагањето на другите, а обучувала и падобранци.

Во времето на нејзината смрт, таа била во последната година од студиите по медицина и хирургија на Универзитетот во Рим, Ла Сапиенца.

Се приклучила на италијанскиот волонтерски воен корпус во мај 2025 година, а ангажманот во мисијата ЕУФОР во Босна и Херцеговина била нејзина прва меѓународна задача. Била дел од тимот за итна медицинска евакуација, задолжена за помош и транспорт на повредените.

Воен хеликоптер CH-47 Chinook, управуван од италијански екипаж, се урна на 29 октомври за време на обука во близина на Брчко.

Во оваа несреќа, покрај Лаура Прокачи, животот го загубија уште тројца италијански војници: Симоне Руџа, Клаудио Маркези и Франко Адријано Зекиљо.

Седум возачи приведени за безобѕирно управување, тројца возеле без дозвола, двајца пијани

Седум возачи приведени за безобѕирно управување, тројца возеле без дозвола, двајца пијани
Фото: Опсервер

Седум возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, информира Министерството за внатрешни работи.

Од приведените, тројца управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за Х.И. (39) од Велес, С.Ш. (36) од Куманово и А.Ш. (25) од селото Селце.

Двајца возачи биле затекнати како управуваат под дејство на алкохол. Тоа се З.С. (43) од Куманово и З.З. (63) од Велес.

Уште двајца возачи управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување. Станува збор за К.Е. (49) од селото Ѓурѓевиште, гостиварско, и Р.С. (47) од Кавадарци.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството апелира до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да не управуваат возило без положен возачки испит, под дејство на алкохол или додека имаат активна забрана за управување.

Од МВР предупредуваат дека непочитувањето на сообраќајните правила ја загрозува безбедноста на сите учесници и повикуваат на одговорно однесување за побезбедни патишта и заштита на човечките животи.

Зелник со праз и солена урда

Зелник со праз и солена урда
Фото: Kiril Petreski, Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Зелникот со праз е зимска класика: празот со бавно динстање станува сладок и свилен, а урдата и сирењето му даваат сол и полнота. Прскањето на корите со масло и кисела вода е стариот трик за пита што се лади ’склива, а не тврда.

Време75 минутиПорции8ТежинаСредно

Состојки

  • 500 г тенки готови кори за пита
  • 3 стебла праз, само белиот и светлозелениот дел (околу 400 г), сечен на колца
  • 300 г урда
  • 150 г бело саламурено сирење, издробено
  • 3 јајца
  • 150 мл сончогледово масло
  • 100 мл газирана минерална вода
  • сол и свежо мелен бибер по вкус

Подготовка

  1. Задушете го празот на 3 лажици масло на тивок оган 12–15 минути, со малку сол, додека сосем не омекне и не засладе. Оставете го да се олади.
  2. Во сад измешајте ја урдата, сирењето, две јајца и оладениот праз. Побиберете; солете претпазливо — сирењето веќе носи сол.
  3. Во подмачкана тава (околу 35 см) редете по две кори, прскајќи ја секоја со мешавина од масло и кисела вода, па распоредувајте тенок слој фил на секоја втора-трета кора. Завршете со три кори одозгора.
  4. Со остар нож пресечете го зелникот на парчиња до дното, прелијте го со третото матено јајце измешано со остатокот од маслото и водата.
  5. Печете на 190°C околу 40 минути до златна боја. На излегување попрскајте го со студена вода и покријте го со чиста крпа десетина минути — така корите омекнуваат точно колку што треба.
Совет од кујната: Ако урдата е многу влажна, исцедете ја низ густо сито половина час претходно — воден фил ги размекнува корите одоздола и питата останува сурова во средината.

Од утре забрана за спортски риболов во Националниот парк „Маврово“, новата сезона почнува во февруари

Од утре забрана за спортски риболов во Националниот парк „Маврово“, новата сезона почнува во февруари
Фото: Опсервер

Од 1 ноември 2026 година завршува сезоната за спортски риболов на сите води во рамките на Националниот парк „Маврово“, информираат од установата.

Забраната за риболов ќе трае до 31 јануари 2027 година, а новата сезона ќе започне на 1 февруари и ќе трае до 31 октомври 2027 година.

Од Националниот парк ги повикуваат спортските риболовци и посетителите да ја почитуваат забраната и со одговорно однесување да придонесат за зачувување на рибниот фонд, заштита на водните екосистеми и одржување на природната рамнотежа.

Воедно, од установата им се заблагодарија на риболовците за досегашната соработка, почитувањето на законските одредби и поседувањето уредна документација, вклучително и риболовни дозволи, легитимации и соодветна опрема.

Посебна благодарност упатија за соработката за време на Светското крапско првенство, кога риболовците покажале високо ниво на разбирање кон организаторите, партнерите и вработените во секторот за заштита на паркот.

Од Националниот парк „Маврово“ им се заблагодарија на сите риболовци и посетители за разбирањето и соработката, повикувајќи ги и понатаму да придонесуваат во зачувувањето на природните богатства на паркот.

Претседателот Навроцки повикува на „воспоставување на владеењето на правото“ во Полска

Претседателот Навроцки повикува на „воспоставување на владеењето на правото“ во Полска
Фото: Screenshot / Youtube

Полскиот конзервативен претседател Карол Навроцки рано денеска изјави дека долготрајниот спор со владата на Доналд Туск околу Уставниот суд претставува закана за внатрешната безбедност на земјата, откако во текот на ноќта тој ескалираше во конфликт, јави ДПА.

Обраќајќи им се на демонстрантите пред зградата на судот, која беше опколена од безбедносните сили, откако претходно во текот на ноќта насилно влезе во неа, Навроцки повика на итни консултации со сите партии застапени во парламентот, со цел „да се стабилизира политичката ситуација и да се врати уставниот поредок“.

Претседателот побара „воспоставување на владеењето на правото и повлекување на безбедносните сили од просториите на судот, кои претходно беа распоредени од владата “.

Демонстрантите уште од синоќа се собираа пред судот во Варшава, обвинувајќи ја левоцентристичката влада на премиерот Туск за поткопување на Уставот и судството во земјата, откако ги суспендира претседателот на судот и неговиот заменик.

Според соопштението објавено на интернет-страницата на судот, претседателот на судот Богдан Швјенчковски, кој беше назначен од опозициската десничарска популистичка партија „Право и правда“ (PiS), која владееше со Полска до 2023 година, привремено ќе биде заменет од Ана Корвин-Пјотровска. Таа, пак, е една од петте судии што неодамна беа назначени од актуелниот парламент, но чие назначување беше отфрлено од Навроцки.

Поради ескалацијата на спорот, Навроцки го откажа планираното патување во Сенегал и синоќа се врати во главниот град.

На едно видео се гледа како полскиот претседател, инаку поранешен боксер- аматер, употребува сила за да влезе во зградата на судот по неговото пристигнување.

Зад хаосот се крие жесток спор околу Уставниот суд помеѓу двата најголеми политички табори во Полска.

Партијата „Право и правда“ (PiS), која владееше со земјата од 2015 до 2023 година, го пополни судот со судии што ѝ се политички блиски. Европскиот суд на правдата тогаш пресуди дека овој суд не може да се смета за независен и непристрасен, поради сериозни недостатоци при именувањето на неговите судии, како и на тогашниот претседател на судот.

Откако коалицијата на левиот центар, предводена од Туск, ја презеде власта по парламентарните избори во 2023 година, најави дека ќе ги поништи контроверзните правосудни реформи спроведени од владата на PiS, појаснува ДПА.

По краткото обраќање на претседателот Навроцки пред демонстрантите, претседателот на судот, Швјенчковски, изјави дека Уставниот суд е составен од „законски именувани судии, а не од узурпатори кои влегле преку задната врата, придружувани од владини безбедносни сили“.

Тој ги опиша синоќешните настани како „државен удар“ и „напад врз уставна државна институција“.

Од друга страна, министерот за правда, Валдемар Журек, го окарактеризира насилното влегување на Навроцки во зградата на Уставниот суд како вознемирувачко однесување.

„Недозволиво е некој што ужива претседателски имунитет да се однесува на ваков начин“, изјави Журек за телевизијата TVN 24.

„Според мене, ова е скандалозно однесување, искористување на ситуацијата за дополнително разгорување на емоциите на улиците, рече министерот Журек, пренесува ДПА“.

Турција предложи кандидат за генерален секретар на ОН

Турција предложи кандидат за генерален секретар на ОН
Фото: Нетпрес

Турција ја предложи кандидатурата на Феридун Синирлиоглу, генерален секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), за функцијата генерален секретар на ОН, објави агенцијата Анадолија, повикувајќи се на извори во турското Министерство за надворешни работи.

Во писмото што вчера беше упатено до претседателите на Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност на ОН, постојаниот претставник на Турција во ОН, Ахмет Јилдиз, ја објави номинацијата што ја направи претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Постапката е во согласност со Повелбата на ОН и резолуцијата на Генералното собрание.

Според цитираните извори, одлуката е донесена откако процесот на избор на нов генерален секретар беше блокиран. Последното неофицијално гласање во Советот за безбедност на ОН, одржано вчера, заврши без дефинитивен резултат.

По седмото неофицијално гласање, Ребека Гринспен, поранешна потпретседателка на Костарика, повторно беше на првото место.

На ова тајно гласање, 15-те членови на Советот за безбедност анонимно го оценија секој кандидат со една од трите можни позиции: „охрабрува“, „обесхрабрува“ или „нема мислење“.

Овој пат при гласањето, гласачките ливчиња на петте постојани членки на Советот за безбедност – САД, Франција, Обединетото Кралство, Русија и Кина – не се разликуваа по различни бои, за разлика од претходното гласање.

Ниту еден од седумте кандидати што учествуваа во трката дотогаш не успеа да избегне негативен глас од барем една од земјите со право на вето – Обединетото Кралство, Франција, САД, Кина и Русија.

Откако ќе се постигне консензус, името на избраниот кандидат ќе биде предложено до Генералното собрание на ОН, што во пракса ја следи препораката на Советот за безбедност.

Кој ќе плати милијарда долари за штетата од немирите? Европа бара одговорност и од родителите и од социјалните мрежи

Кој ќе плати милијарда долари за штетата од немирите? Европа бара одговорност и од родителите и од социјалните мрежи
Фото: МКД.мк

Во Франција штетата настаната за време на немирите наскоро би можела да се наплатува од станбените субвенции што ги добиваат семејствата. Лицата што учествувале во насилни собири би можеле да бидат принудени да платат за искршените излози, дури и ако лично не ги искршиле.

Францускиот Сенат оваа недела го усвои предлогот со 229 гласа „за“ и 105 „против“, помалку од две недели откако протестите поради високите трошоци за живот прераснаа во најголемите немири во земјата во последните години, предизвикувајќи, според процените, штета од повеќе од милијарда евра. За време на само еден викенд полицијата уапси речиси 2.400 луѓе, додека властите наведоа дека илјадници продавници биле ограбени или оштетени. Во пожар тешко беше оштетена градската куќа во Лимож, изградена во 19 век.

Франција не е единствената земја што разгледува вакви мерки. Низ Западна Европа владите настојуваат да ја прошират одговорноста и надвор од кругот на непосредните учесници во немирите – на нивните родители, но и на дигиталните платформи преку кои граѓаните се повикуваат на улични собири.

А на немирите можеби сè уште не им е дојден крајот. Шпанската организација за проверка на факти Малдита откри повици за протести за Ноќта на вештерките во 46 града во најмалку девет европски земји. Во некои од повиците се поттикнува и на ограбување.

Властите тврдат дека целта на овие мерки е спречување идни немири и надоместување на штетата од претходните. Критичарите, меѓутоа, предупредуваат дека проширувањето на одговорноста би можело да доведе до казнување луѓе што не учествувале во насилството, но и да ги одврати граѓаните од учество во протести.

„Насилниците плаќаат“

Во Франција секој што свесно ќе ѝ се приклучи на група што подготвува насилство би можел да биде обврзан да плати до 10.000 евра за штетата што ќе ја предизвикаат други. Истото би важело и за лицата што свесно ќе останат во насилна толпа откако полицијата ќе нареди нејзино разотидување, доколку потоа дојде до материјална штета.

Како што се наведува во извештајот на Сенатот, најголемиот предизвик е наплатата на штетата, бидејќи сторителите често немаат доволно пари или примаат приходи што се законски заштитени од присилна наплата.

Предлог-законот би овозможил наплата од уште еден извор – паричните надоместоци што државата им ги исплаќа на семејствата како помош за животните трошоци.

Француското законодавство веќе, по правило, предвидува одговорност на родителите за штетата што ќе ја предизвикаат нивните малолетни деца. Според предлог-законот, откако судската одлука ќе стане правосилна, парите би можеле да се одбиваат од семејните надоместоци и помошта за домување. Сенаторите на списокот ги додадоа и социјалната помош што гарантира минимален приход, која за самец може да изнесува до приближно 650 евра месечно, како и додатокот што семејствата го добиваат за купување училиштен прибор пред почетокот на учебната година. Сепак, одреден минимален износ на примања би останал законски заштитен за да се обезбедат средства за основните животни потреби.

Комунистичкиот сенатор Фабиен Геј го наведе примерот на едно домаќинство што прима социјална помош, а на кое месечно би му се одбивале 57 евра. Со такво темпо, за отплата на долг од 10.000 евра би биле потребни речиси 15 години.

Поддржувачите на законот тврдат дека жртвите заслужуваат надомест на штетата и дека даночните обврзници не треба да ги сносат тие трошоци. Замената на само еден голем излог може да чини десетици илјади евра. По немирите во 2023 година, осигурителните компании исплатија 793 милиони евра врз основа на 16.400 барања за обесштетување, според податоците на француското здружение на осигурителни компании Франс асирер.

Организациите за заштита на човековите права ги повикаа законодавците да го отфрлат предлог-законот, предупредувајќи дека би можел да ги обесхрабри граѓаните да учествуваат во мирни протести и да ги загрози семејствата што зависат од социјална помош.

Одземањето на тие примања „би можело да има катастрофални последици за најсиромашните“, изјави Натали Годар од францускиот разгранок на Амнести интернешнел.

Крајната десница го поддржа предлог-законот во Сенатот, каде што мнозинство имаат конзервативците. Следниот чекор е разгледување во Националното собрание, каде што ниту еден политички блок нема мнозинство.

Одземањето на социјалните надоместоци на учесниците во немирите одамна е идеја на Марин ле Пен, лидерката на крајнодесничарската партија Национален собир. Сега таа идеја ја прифати и владата, додека Ле Пен води во анкетите пред претседателските избори следната пролет.

„Блокада“ и во Шпанија

Француските ученици протестите со кои се блокира работата на училиштата ги нарекуваат „блокус“, односно блокада. Во Барселона тој израз стана хаштаг на социјалните мрежи.

Објавите на Тикток со таа ознака ги повикуваа граѓаните да се соберат на плоштадот Каталонија во саботата, на 24 октомври, додека кодовите за скенирање ги насочуваа кон канали на Ватсап и Телеграм, изјави каталонската министерка за внатрешни работи Нурија Парлон за радиото Кадена СЕР.

Формално, протестот беше организиран поради прашања поврзани со образованието. Меѓутоа, според Парлон, немало утврдена маршрута на движење на демонстрантите. Немало ниту транспаренти ниту манифест со барања. Наместо тоа, групи од по 10 до 15 млади мажи ограбуваа продавници, палеа контејнери за отпад и кршеа автобуски постојки.

Кога пристигна полицијата, ограбувачите се разбегаа, рече новинарот на Асошиејтед прес што беше на местото на настанот.

Полицијата соопшти дека уапсила 130 лица, меѓу кои 76 малолетници. Шпанската Цивилна гарда во петокот соопшти дека го уапсила самопрогласениот водач на движењето „Блокус“, осомничен за организирање грабежи во Барселона и планирање подметнување пожар во зградата на градското собрание во саботата.

Некои профили на Тикток што ги промовираа собирите исчезнаа од платформата, додека други најавуваа нови протести за Ноќта на вештерките, објави организацијата Малдита. Во една група на Телеграм учесниците преку пораки беа повикувани да носат маски и ракавици и да чекаат информации за продавница „во чија близина нема полиција“.

„Кој крши, си плаќа“

Во Италија расправата започнува со приказната за едно друго семејство. „Зад тој излог стои семејство што вложило цел живот одрекувања“, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони на 20 октомври, претставувајќи ја уредбата за безбедност по грабежите во Милано.

Нејзиниот принцип е сумиран во три италијански збора: „Chi rompe paga“ – „Кој крши, си плаќа“. „А ако тој што ја направил штетата е малолетен“, порача Мелони, „плаќаат неговите родители“.

На родителите сега им се закануваат парични казни до 1.000 евра, кои се удвојуваат во случај на повторен прекршок, освен ако докажат дека не можеле да ги спречат постапките на своето дете. Исто така, може да бидат обврзани да ја надоместат причинетата штета.

Повикот родителите да сносат одговорност би можел да помогне, смета Клаудио Бертолоти, директор на компанијата за безбедносни истражувања Старт инсајт, но „малку е веројатно дека само паричните казни ќе ги одвратат тинејџерите што дејствуваат под притисок на врсниците или од желба да стекнат признание во групата“.

За организирање насилство за време на протести, дури и преку интернет, сега е предвидена затворска казна од четири до 12 години.

Пред да се искршат излозите

Телеграм и Ватсап „мора да ги изгаснат таквите канали кога преку нив се поттикнува насилство“, изјави Парлон.

Портпаролот на Телеграм, Реми Вон, изјави за Асошиејтед прес дека компанијата ја поддржува слободата на изразување и мирните протести, но дека „повиците на насилство, вандализам и кражба се изрично забранети и се отстрануваат веднаш штом ќе бидат откриени“.

Тој наведе дека Телеграм отстранил такви повици поврзани со протестите во Мадрид.

Тикток и компанијата Мета, во чија сопственост е Ватсап, не одговориле на барањата за коментар.

Телеграм изгаси една група во Барселона што промовираше грабежи за време на Ноќта на вештерките, но набрзо беше формирана нова група со повеќе од 2.000 членови, пренесоа шпанските медиуми.

Францускиот предлог-закон би им овозможил на властите да бараат отстранување одредени незаконски повици на насилство или грабеж, без претходно одобрение од суд. Доколку таквите содржини не бидат отстранети во рок од 24 часа, властите би можеле да наредат блокирање на интернет-адресите на кои се објавени. Таквите одлуки би можеле да се оспоруваат пред суд.

Соединетите Американски Држави се движат во спротивната насока. Американското законодавство главно ги штити интернет-платформите од граѓанскоправна одговорност за објавите на нивните корисници, додека администрацијата на Доналд Трамп европските правила ги нарекува цензура.

Примерот на Велика Британија ги покажува ограничувањата на отстранувањето спорни содржини. Откако во 2024 година во Саутпорт беа убиени три девојчиња, на интернет се проширија лажни тврдења, по што избувнаа немири. Парламентарната комисија утврди дека алгоритмите придонеле за ширењето штетни содржини, од кои голем дел биле законски дозволени.

Според францускиот предлог-закон, средствата наменети за домување и издржување на децата би можеле да се користат за надоместување на штетата причинета на ограбените продавници.

Над 5.000 починати од ебола во Конго, бројот на заразени надмина 10.000

Атлетико победи кај Леванте и се искачи на челната позиција во Ла Лига
Фото: Опсервер

Над 5.000 лица починале од ебола во Демократска Република Конго од средината на мај, соопштија здравствените власти во земјата. Досега се потврдени 5.026 смртни случаи, а бројот на заразени достигна 10.351.

Во моментов, 1.101 лице се лекува или е во карантин, додека 2.788 лица кои претходно биле заразени оздравеле од болеста.

Сепак, вистинскиот број на починати може да биде и поголем, бидејќи експертите сметаат дека вирусот можеби се ширел незабележано уште од февруари, неколку месеци пред официјалното прогласување на епидемијата на 15 мај.

Епидемијата, предизвикана од сојот Бундибугио на вирусот ебола, се шири со загрижувачка брзина. Случаи на зараза се пријавени и во други земји, меѓу кои и Кенија, каде што инфекцијата била поврзана со кениски државјанин кој се заразил во Конго, а потоа починал.

На 20 октомври, Нигерија го пријави првиот случај на ебола. Станува збор за швајцарски државјанин кој се разболел неколку дена по враќањето од повеќенеделно патување во Уганда.

Во Европа досега е регистриран еден случај – лекар во Франција кој во јуни бил позитивен на вирусот по хуманитарна мисија во источниот дел на Конго. Тој подоцна оздравел и бил отпуштен од болница.

Еболата е опасна по живот болест која се пренесува преку директен контакт со заразени лица или со нивните телесни течности. Може да предизвика висока температура, дијареја и крварење.