Кој ќе плати милијарда долари за штетата од немирите? Европа бара одговорност и од родителите и од социјалните мрежи

Во Франција штетата настаната за време на немирите наскоро би можела да се наплатува од станбените субвенции што ги добиваат семејствата. Лицата што учествувале во насилни собири би можеле да бидат принудени да платат за искршените излози, дури и ако лично не ги искршиле.

6
Кој ќе плати милијарда долари за штетата од немирите? Европа бара одговорност и од родителите и од социјалните мрежи
Фото: МКД.мк

Францускиот Сенат оваа недела го усвои предлогот со 229 гласа „за“ и 105 „против“, помалку од две недели откако протестите поради високите трошоци за живот прераснаа во најголемите немири во земјата во последните години, предизвикувајќи, според процените, штета од повеќе од милијарда евра. За време на само еден викенд полицијата уапси речиси 2.400 луѓе, додека властите наведоа дека илјадници продавници биле ограбени или оштетени. Во пожар тешко беше оштетена градската куќа во Лимож, изградена во 19 век.

Франција не е единствената земја што разгледува вакви мерки. Низ Западна Европа владите настојуваат да ја прошират одговорноста и надвор од кругот на непосредните учесници во немирите – на нивните родители, но и на дигиталните платформи преку кои граѓаните се повикуваат на улични собири.

Реклама

А на немирите можеби сè уште не им е дојден крајот. Шпанската организација за проверка на факти Малдита откри повици за протести за Ноќта на вештерките во 46 града во најмалку девет европски земји. Во некои од повиците се поттикнува и на ограбување.

Властите тврдат дека целта на овие мерки е спречување идни немири и надоместување на штетата од претходните. Критичарите, меѓутоа, предупредуваат дека проширувањето на одговорноста би можело да доведе до казнување луѓе што не учествувале во насилството, но и да ги одврати граѓаните од учество во протести.

„Насилниците плаќаат“

Во Франција секој што свесно ќе ѝ се приклучи на група што подготвува насилство би можел да биде обврзан да плати до 10.000 евра за штетата што ќе ја предизвикаат други. Истото би важело и за лицата што свесно ќе останат во насилна толпа откако полицијата ќе нареди нејзино разотидување, доколку потоа дојде до материјална штета.

Како што се наведува во извештајот на Сенатот, најголемиот предизвик е наплатата на штетата, бидејќи сторителите често немаат доволно пари или примаат приходи што се законски заштитени од присилна наплата.

Реклама

Предлог-законот би овозможил наплата од уште еден извор – паричните надоместоци што државата им ги исплаќа на семејствата како помош за животните трошоци.

Француското законодавство веќе, по правило, предвидува одговорност на родителите за штетата што ќе ја предизвикаат нивните малолетни деца. Според предлог-законот, откако судската одлука ќе стане правосилна, парите би можеле да се одбиваат од семејните надоместоци и помошта за домување. Сенаторите на списокот ги додадоа и социјалната помош што гарантира минимален приход, која за самец може да изнесува до приближно 650 евра месечно, како и додатокот што семејствата го добиваат за купување училиштен прибор пред почетокот на учебната година. Сепак, одреден минимален износ на примања би останал законски заштитен за да се обезбедат средства за основните животни потреби.

Комунистичкиот сенатор Фабиен Геј го наведе примерот на едно домаќинство што прима социјална помош, а на кое месечно би му се одбивале 57 евра. Со такво темпо, за отплата на долг од 10.000 евра би биле потребни речиси 15 години.

Поддржувачите на законот тврдат дека жртвите заслужуваат надомест на штетата и дека даночните обврзници не треба да ги сносат тие трошоци. Замената на само еден голем излог може да чини десетици илјади евра. По немирите во 2023 година, осигурителните компании исплатија 793 милиони евра врз основа на 16.400 барања за обесштетување, според податоците на француското здружение на осигурителни компании Франс асирер.

Реклама

Организациите за заштита на човековите права ги повикаа законодавците да го отфрлат предлог-законот, предупредувајќи дека би можел да ги обесхрабри граѓаните да учествуваат во мирни протести и да ги загрози семејствата што зависат од социјална помош.

Одземањето на тие примања „би можело да има катастрофални последици за најсиромашните“, изјави Натали Годар од францускиот разгранок на Амнести интернешнел.

Крајната десница го поддржа предлог-законот во Сенатот, каде што мнозинство имаат конзервативците. Следниот чекор е разгледување во Националното собрание, каде што ниту еден политички блок нема мнозинство.

Одземањето на социјалните надоместоци на учесниците во немирите одамна е идеја на Марин ле Пен, лидерката на крајнодесничарската партија Национален собир. Сега таа идеја ја прифати и владата, додека Ле Пен води во анкетите пред претседателските избори следната пролет.

„Блокада“ и во Шпанија

Француските ученици протестите со кои се блокира работата на училиштата ги нарекуваат „блокус“, односно блокада. Во Барселона тој израз стана хаштаг на социјалните мрежи.

Објавите на Тикток со таа ознака ги повикуваа граѓаните да се соберат на плоштадот Каталонија во саботата, на 24 октомври, додека кодовите за скенирање ги насочуваа кон канали на Ватсап и Телеграм, изјави каталонската министерка за внатрешни работи Нурија Парлон за радиото Кадена СЕР.

Формално, протестот беше организиран поради прашања поврзани со образованието. Меѓутоа, според Парлон, немало утврдена маршрута на движење на демонстрантите. Немало ниту транспаренти ниту манифест со барања. Наместо тоа, групи од по 10 до 15 млади мажи ограбуваа продавници, палеа контејнери за отпад и кршеа автобуски постојки.

Кога пристигна полицијата, ограбувачите се разбегаа, рече новинарот на Асошиејтед прес што беше на местото на настанот.

Полицијата соопшти дека уапсила 130 лица, меѓу кои 76 малолетници. Шпанската Цивилна гарда во петокот соопшти дека го уапсила самопрогласениот водач на движењето „Блокус“, осомничен за организирање грабежи во Барселона и планирање подметнување пожар во зградата на градското собрание во саботата.

Некои профили на Тикток што ги промовираа собирите исчезнаа од платформата, додека други најавуваа нови протести за Ноќта на вештерките, објави организацијата Малдита. Во една група на Телеграм учесниците преку пораки беа повикувани да носат маски и ракавици и да чекаат информации за продавница „во чија близина нема полиција“.

„Кој крши, си плаќа“

Во Италија расправата започнува со приказната за едно друго семејство. „Зад тој излог стои семејство што вложило цел живот одрекувања“, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони на 20 октомври, претставувајќи ја уредбата за безбедност по грабежите во Милано.

Нејзиниот принцип е сумиран во три италијански збора: „Chi rompe paga“ – „Кој крши, си плаќа“. „А ако тој што ја направил штетата е малолетен“, порача Мелони, „плаќаат неговите родители“.

На родителите сега им се закануваат парични казни до 1.000 евра, кои се удвојуваат во случај на повторен прекршок, освен ако докажат дека не можеле да ги спречат постапките на своето дете. Исто така, може да бидат обврзани да ја надоместат причинетата штета.

Повикот родителите да сносат одговорност би можел да помогне, смета Клаудио Бертолоти, директор на компанијата за безбедносни истражувања Старт инсајт, но „малку е веројатно дека само паричните казни ќе ги одвратат тинејџерите што дејствуваат под притисок на врсниците или од желба да стекнат признание во групата“.

За организирање насилство за време на протести, дури и преку интернет, сега е предвидена затворска казна од четири до 12 години.

Пред да се искршат излозите

Телеграм и Ватсап „мора да ги изгаснат таквите канали кога преку нив се поттикнува насилство“, изјави Парлон.

Портпаролот на Телеграм, Реми Вон, изјави за Асошиејтед прес дека компанијата ја поддржува слободата на изразување и мирните протести, но дека „повиците на насилство, вандализам и кражба се изрично забранети и се отстрануваат веднаш штом ќе бидат откриени“.

Тој наведе дека Телеграм отстранил такви повици поврзани со протестите во Мадрид.

Тикток и компанијата Мета, во чија сопственост е Ватсап, не одговориле на барањата за коментар.

Телеграм изгаси една група во Барселона што промовираше грабежи за време на Ноќта на вештерките, но набрзо беше формирана нова група со повеќе од 2.000 членови, пренесоа шпанските медиуми.

Францускиот предлог-закон би им овозможил на властите да бараат отстранување одредени незаконски повици на насилство или грабеж, без претходно одобрение од суд. Доколку таквите содржини не бидат отстранети во рок од 24 часа, властите би можеле да наредат блокирање на интернет-адресите на кои се објавени. Таквите одлуки би можеле да се оспоруваат пред суд.

Соединетите Американски Држави се движат во спротивната насока. Американското законодавство главно ги штити интернет-платформите од граѓанскоправна одговорност за објавите на нивните корисници, додека администрацијата на Доналд Трамп европските правила ги нарекува цензура.

Примерот на Велика Британија ги покажува ограничувањата на отстранувањето спорни содржини. Откако во 2024 година во Саутпорт беа убиени три девојчиња, на интернет се проширија лажни тврдења, по што избувнаа немири. Парламентарната комисија утврди дека алгоритмите придонеле за ширењето штетни содржини, од кои голем дел биле законски дозволени.

Според францускиот предлог-закон, средствата наменети за домување и издржување на децата би можеле да се користат за надоместување на штетата причинета на ограбените продавници.