Имајќи ги предвид досегашните консултации, Министерството за надворешни работи ќе ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на Европската Унија за продолжување на нашите европски интеграции, објави министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук.
Бројните денешни консултации, според министерот, минуваат во позитивна атмосфера, во кој, како што посочува, Францускиот предлог детално се анализира.
„Различните групи и поединци се фокусираат на суштински прашања кои се важни за граѓаните и за идниот процес на преговори: македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на Европската Унија, чисто формулиран и без ниту една забелешка или објаснување наведени во преговарачката рамка; протоколот, како и делот кој упатува на историските прашања, остануваат во сферата на билатералните односи и не се дел од Преговарачката рамка; oдобрувањето на овој предлог ќе значи одржување на првата Меѓувладина конференција, започнување на процесот на скрининг – суштинско отворање на преговорите во полн капацитет – и тоа веднаш!“, пишува Османи на неговиот фејсбук-профил.
Процесот на консултации меѓу Владата и другите институции, заинтересирани групи и целокупната јавност продолжува, по што Владата ќе ја донесе конечната одлука, додава тој.
Претходно, на прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски и коалициските партнери во власта, Османи посочи дека доколку Владата одлучи да го одобри пакетот, може веднаш да се потпише протоколот со Бугарија.
„Доколку Владата донесе одлука после консултативниот процес дека го одобрува пакетот, тогаш јас можам веднаш да организирам средба на меѓувладината комисија со Република Бугарија и да пристапиме кон потпишување на протоколот. Мислам дека тоа временски би коинцидирало со истиот ден кога Советот на ЕУ ќе ја усвои преговарачката рамка и целиот овој процес“, изјави Османи на новинарско прашање.
Според него, протоколот е веќе усогласен во МНР, но, како што рече, треба да го одобри Владата, а Владата ќе го разгледа во рамки на целиот пакет.
„Пакетот има европска и билатерална компонента. Билатералната компонента е протоколот и тој веќе не е во еворпскиот пакет, туку е билатерален со Република Бугарија, но е дел од овој процес за Бугарија да даде согласност за пакетот“, изјави Османи.
Извор: МИА