Мицкоски: Гаши да биде новиот мандатар, ете му можност да ги реши економската и енергетската криза, а за ДУИ да добијат Албанец премиер

Претседателот на Алтернатива – Африм Гаши, да биде новиот мандатар на владата до предвремените избори наместо новиот претседател на СДСМ – Димитар Ковачевски, предложи денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за иницијативата за премиер Албанец и изјавата на вицепремиерот и функционер на ДУИ – Артан Груби, според кого Мицкоски прифатил Албанец за премиер.

„Бидејќи Пендаровски бара 61 потпис, да застанеме со 61 потпис позади името на Африм Гаши и тој наместо Димитар Ковачевски да биде идниот мандатар… бидејќи велеше дека единствена причина заради која ја поддржува владата е да не го кочи евроатланскиот процес кој гледаме дека е закочен. Потоа гледам дека си најде нова причина, а тоа е да ги реши економската и енергетската криза“, саркастичен беше Мицкоски.

Конкретно за иницијативата за прв премиер Албанец, Мицкоски рече:

„Ние одговоривме дека ова не треба да се третира како етничко прашање, туку како прашање на компетенции и вештини, и дека ние немаме никаков проблем да подржиме определена личност која ги поседува компетенциите и има план и визија да работи за добро на сите граѓаните. Ако таквата личност биде предложена од најголемата партија во парламентот, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, и ако биде Албанец, очекуваме ДУИ да го поддржи, но стигна реакција од ДУИ дека тие ќе поддржеле ако ВМРО-ДПМНЕ победи на избори и предложи Албанец. Тоа можеме да го видиме ако се охрабрат и излезат на избори“, рече Мицкоски, акцентирајќи дека тоа ќе биде можност за Гаши да се покаже, но и ДУИ и Ахмети да го поддржат него, наместо Ковачевски, за мандатар на владата.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Од ДУИ, пак, вратија дека премиер Албанец можат да предложат само тие.

„Предлогот за претседател на преодната влада доаѓа од редовите на Демократската унија за интеграција, поточно од Али Ахмети. Согласно со договорот, не може ниту една друга партија да предложи премиер, особено не ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи го нема мандатот. Ако ВМРО-ДПМНЕ, во момент кога ќе го добие мандатот на парламентарни избори, предложи Албанец за премиер наместо господинот Мицкоски, ние ќе го поддржиме“, изјави Груби.

Од Алијанса за Албанците, пак, го поддржаа предлогот на Мицкоски – Гаши да биде новиот мандатар.

„Претпоставувам дека Мицкоски кај Африм Гаши гледа капацитет за справување со сите кризи што се случуваат во земјава, но и со решавање на евроинтеграцискиот процес. Ние го поддржуваме тој предлог“, изјави пратеникот Елми Азири.

Од Алијанса денеска ги повикаа пратениците кои „уште ја разгледуваат можноста кон спојување со овој брод што тоне“, алудирајќи на владата, да размислат мудро и да се повлечат од таквите авантури. Партијата повика на формирање на експертска влада, со цел побрзо распишување на предвремени парламентарни избори.

Како причини ги наведоа лошото менаџирање на државата од страна на СДСМ и ДУИ и здравствената, економската и енергетската криза со која се соочуваат граѓаните како резултат, но и повтореното вето од Бугарија, што според Алијанса докажува дека „режимот СДСМ/ДУИ потфрлил во исполнувањето на условите на Европската Унија, особено во однос на владеењето на правото и имплеметацијата на договорот за пријателство со Бугарија“.

- Реклама -