Во февруари или март да се формира техничка влада, a во мај или јуни да се одржат предвремени парламентарни избори, побара на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
Во ситуација на вето за евроинтеграциите, реален спор со Бугарија кој нѐ чини идентитет, инфлација, покачена цена на струјата, сиромаштија, растечка корупција, предвремените парламентарни избори се единственото решение, рече Мицкоски.
„Предвремените избори не се секогаш најдоброто решение, но во состојба кога е јасно дека постојат сериозни проблеми, кога нема начин ниту пак било каква шанса оваа Влада нешто да промени, кога генерации повторно се оставени конечно да чекаат пред портите на ЕУ, предвремените парламентарни избори се единственото решение за излез од оваа политичка, економска, енергетска, дипломатска, сеопшта криза во државава“, истакна лидерот на најголемата опозициска партија.
Тој оцени дека во земјава е потребен „нов импулс, нова сила за реформи, една заедничка платформа, обединување околу нов договор со народот, за работите кои му се важни на народот“.
„Ова е отворен апел до власта за брзи избори, како единствено решение за излез од политичката и економска криза и наша обврска за борба за нова иднина кон која сите заедно се имаме обврзано. Воедно барам и општествена поддршка на поединци и општествени групи да го поддржат овој наш предлог за избори, да не губиме ниту месец повеќе, затоа што така ќе направиме и општествена мобилизација, силен активизам“, додаде Мицкоски.
Претходно, на брифинг со новинари, тој презентираше резултати од анкета спроведена во периодот меѓу 12 и 30 ноември на 1.010 испитаници, според која 44 проценти од прашаните поддржуваат одржување на предвремени избори, додека 39 биле против. Според истата, 16 проценти од приврзаниците на СДСМ поддржале предвремени избори, а тоа го сториле и 28 проценти од приврзаниците на ДУИ.
Мицкоски на брифингот направи и рекапитулација на локалните избори на кои, како што кажа, ВМРО-ДПМНЕ имаат 42 градоначалници, плус Градот Скопје каде ја поддржаа независната кандидатка Данела Арсовска. Тој ги спомена и коалициите во Тетово, Гостивар и други градови и според неговата пресметка тие се присутни во околу 50 општини во државата.
ВМРО-ДПМНЕ, акцентираше Мицкоски, располага со 324 илјади гласови наспроти 269 гласови за СДСМ, што, како што рече, е 50 илјади гласови повеќе, а претендира дека партијата има и поголема поддршка сметајќи на оние поддржувачи што ги има во општините во коишто не учествувала со свои кандидати за градоначалници.
Мицкоски додаде и дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ прават детални анализи за работењето на општините со кои управуваат и за сите нерегуларности ќе информираат по празниците, а најави и пријави до Обвинителството во оние случаи каде што ќе увидат прекршување на Законот.
Извор: МИА