Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Владата ја поддржа кандидатурата на Радмила Шеќеринска за заменик генерален секретар на НАТО, откри денеска премиерот Христијан Мицкоски кој на денешната прес-конференција одговараше на новинарски прашања. Забележа дека не е тајна дека во минатото и до денеска можеби имаат многу концептуални разлики кога станува збор за сегашноста, справувањето со реалните проблеми, политиките, идеолошки разлики, бидејќи доаѓаат од различки политички семејства.

-Како Влада имавме пред нас би рекол предизвик за одлука, а тоа беше кој и како да го поддржиме за заменик генерален секретар на НАТО, имајќи в предвид дека таму имаше кандидати од неколку земји и ние тука немавме никаква дилема. Зошто? Прво, затоа што повикуваме често пати на единство, повикуваме на дијалог со опозицијата и доколку повикувате, а тоа не го правите на дела, тогаш сте лицемерни. Така што ние како Влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шеќеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Мојот став за договорот со Бехтел и Енка е непроменет, но нема да одиме чекор назад и да платиме уште 350 милиони долари

Премиерот посочи дека за Владата националното единство и националните интереси се пред и над партиските.

-Да се има Македонка во случајов заменик-генерален секретар на најмоќната и најдобро организираната воена алијанса во светската историја е навистина чест и тука ниту јас имав дилема, ниту ние како Влада, коишто бевме вклучени во овој процес дека треба да ја поддржиме кандидатурата и добро е што успешно се заврши, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека во текот на вчерашниот ден телефонски се слушнал со Радмила Шекеринска и како што рече, „разговарале и немаат дилема дека треба заедно да соработуваат и да направат се што е во нивна моќ да помогнат на македонската Армија и со тоа и за безбедноста и сето она што им е потребно на македонските граѓани“.

- Реклама -