
Оваа организација е забранета во Велика Британија.
Стотици демонстранти вчера се собраа во лондонската населба Најн Елмс, а многумина носеа транспаренти со пораки како „Се противам на геноцидот, ја поддржувам Палестинска акција“.
Лондонската полиција денеска соопшти дека се уапсени вкупно 325 лица. Од нив, 320 беа приведени поради „изразување поддршка на организација забранета според Законот за тероризам“, наведе полицијата на социјалните мрежи.
Во врска со оваа организација досега се уапсени најмалку 4.000 луѓе. Палестинска акција е забранета од јули 2025 година.
Врховниот суд на Обединетото Кралство треба да ја разгледа забраната на организацијата според антитерористичкото законодавство, откако на еден од нејзините соосновачи му беше одобрено право на жалба. Министерството за внатрешни работи соопшти дека решително ќе се спротивстави на жалбата.
Полицајците продолжија со апсењата и во текот на вчерашната вечер, спроведувајќи ги приведените до полициските комбиња, додека дел од демонстрантите аплаудираа.
Некои од собраните извикуваа „Слободна Палестина“.
Во одредени случаи полицајците мораа на раце да ги носат демонстрантите што одбиваа да одат, пренесува Би-би-си.



