Левица: Мицкоски ретерира од првичните ставови, тој и Ковачевски немаат легитимитет да менуваат Устав

„Откако Христијан Мицкоски го премолчи неуставното воведување на двојазични униформи, деновиве јавноста е сведок на ретерирање од првичните ставови дека никаква промена на Уставот нема да поддржат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“, обвинува Левица.

Според нив, иако ВМРО-ДПМНЕ знае дека барањата на официјална Софија се вметнување на Бугарите во Уставот како конститутивен народ, под изговорот хрватска преамбула Мицкоски ја отвора можноста за седнување на маса и промена на Уставот под, како што велат, „бугарски диктат“.

„Токму Мицкоски тврдеше дека неговата партија нема да поддржи никакви уставни измени и дека не може да се преговара додека нема реципроцитет со Македонците во Бугарија. Политичка незрелост е да се очекува дека официјалната бугарска политика ќе ретерира од своите неоврховистички барања, со оглед на фактот дека бугарската политика кон Македонија не е промената од времето на Тодор Живков!

Дури и ЕУ експерти предупредија дека со внесување на Бугарите во Уставот се отвора можност за Бугарија да се повикува на меѓународни Конвенции за заштита на националните малцинства и официјална Софија да наоѓа оправдувања да го кочи пристапниот процес на Македонија во ЕУ“, посочуваат од Левица.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Од партијата додаваат дека Македонците со Бугарија не споделуваат заедничка историја, затоа што бугарската фашистичка власт била окупатор и се борела против АСНОМ-ска Македонија, а тоа е акцентираат, темелот на современа Македонија.

Дополнително, се посочува во соопштението, искуството потврдува дека секое отворање на Уставот под диктат на странски сили било погубно по суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката.

„Промена на Уставот под притисок и уцени на други држави е флагрантно мешање во внатрешните работи на Македонија и секој политичар кој претендира да ја освои власта мора да биде свесен за ваквиот анти-државнички чин, кој е еднаков на национално предавство“, категорични се од Левица.

- Реклама -