Ковачевски: Одлуката за членство во НАТО нѐ обедини сите, убеден сум дека такво обединување имаме и за ЕУ

„Нашата национална одлука за членство во Алијансата ги проби бариерите на партиите, религиите и народите и нѐ обедини сите. Незначајна маргина се оние малкумина кои не се горди на овој наш успех и би сакале други алтернативи. Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за ЕУ“, изјава денеска премиерот Димитар Ковачевски на централната свеченост во касарната „Илинден“ по повод тригодишнинатата од членството во НАТО.

Тој рече дека е горд што „нашите деца овој ден ќе го изучуваат како еден од најсветлите денови во нашата историја“, затоа што, како што рече, овој ден ја гарантира и нивната иднина.

„27 март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина, момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никого. И од таа точка можеме да чекориме само напред, силно и брзо“, рече Ковачевски.

Оваа годишнина не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, туку и моментот кога престанавме да бидеме точка на дневен ред во безбедноста и станавме дел од масата која го создава дневниот ред за светската безбедност, посочи премиерот.

„Денеска ние сме НАТО. Ја остваривме едногласната одлука на нашето Собрание и идејата на нашите предци кои се бореа да сме еднакви со најразвиените. Успеавме да се избориме на овој пат. Со истото темпо продолжуваме и на нашиот пат кон членство во ЕУ“, додаде Ковачевски, притоа потенцирајќи ги придобивките од членството во НАТО, успешноста на Армијата, вложувањето во нејзиниот развој, како и поддршката за Украина и значењето на сојузништвото во рамки на Алијансата.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Ковачевски упати и честитка до припадниците на Армијата и до сите граѓани за годишнинатата и посака да се одбележува овој ден уште многу години во мир и благосостојба како членка на најголемиот воено-одбранбен сојуз во светот.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, пак, потенцираше дека државава, со членството во НАТО, денес припаѓа таму каде ѝ е местото.

„Нашата цел не беше само да ја внесеме Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата, со опрема која секојдневно се менува, со процедурите и процесите кои се развиваат, со кадарот кој се усовршува, со условите за работа и стандардот кој го има секој професионален војник, подофицер и офицер. Сето ова ќе беше невозможно без растот на Буџетот на одбраната. Нашата земја ќе го достигне НАТО критериумот од два процента од БДП алоциран за одбраната веќе следната година, а вториот критериум за опремување и модернизација веќе го надминавме“, бидејќи годинава 33 проценти од Буџетот е наменет токму за опремување, рече Петровска.

И началникот на ГШ, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски посочи дека зачленувањето во НАТО е значаен историски настан кој ќе сведочи за успесите на државата и Армијата.

„Остварување кое не само што го круниса нашиот долгогодишен стремеж туку и важен чекро за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот“, рече Ѓурчиновски.

Извор: МИА

- Реклама -