Ковачевски: Не гледам зошто некој како Заев не би се појавил во јавност, тоа се луѓе со искуство и знаење кое може да го споделат со сите нас

Во партијата има дефинирана процедура во однос на кандидирање претседателски кандидати и секој кандидат има еднакви шанси, изјави премиерот Димитар Ковачевски и лидер на СДСМ, прашан дали неговиот претходник, експремиерот Зоран Заев, се подготвува да биде кандидат за претседател на државата.

„Секој член на партијата којшто ги исполнува критериумите, а тие се наведени и во Статутот и во правилниците коишто важат во партијата, може да биде кандидиран или да се самокандидира, што се случувало во партијата во минатото, а потоа низ дебата од месните организации преку општинските организации до раководството, Извршниот Одбор и ЦО, се носи одлука за тоа кој ќе биде претседателски кандидат на партијата, се разбира претседателски кандидат на коалицијата која што ќе настапи на изборите. Процесот сè уште не е започнат, меѓутоа сите кандидати имаат еднакви шанси во, би рекол, тој натпревар, да ја добијат честа да бидат претседателски кандидат на СДСМ“, вели Ковачевски.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ веднаш тргна во одбрана на внучето на Ахмети

Во однос на појавувањето во јавност на Заев, Ковачевски рече дека не гледа причина зошто некој кој пред тоа извршувал високи државни и партиски функции не би се појавил во јавност. Според него, тоа е позитивно, бидејќи, како што вели, „сепак тоа се луѓе коишто имаат искуство и знаење кое може да го споделат со политичарите, со деловната заедница, па и со граѓаните“.

Извор: МИА

- Реклама -