Ковачевски на средба со Зеленски: Северна Македонија e на вистинската страна на историјата и продолжува со поддршката за Украина

„Северна Македонија ја осуди бруталната воена агресија што Русија ја врши врз независна и суверена Украина и ѝ дава силна поддршка на земјата од почетокот на руската инвазија во февруари минатата година“, истакнал премиерот Димитар Ковачевски на денешната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски и албанскиот премиер Еди Рама на маргините на вториот Самит на Европската политичка заедница во молдавскиот главен град Кишињев, соопшти владината прес-служба.

„Го подржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нејзиното право да го трасира самостојно својот пат. Обезбедивме и ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка во секоја форма која ѝ е потребна на Украина“, порачал Ковачевски на средбата, на која беше придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции – Фатмир Битиќи.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

Ковачевски потсетил и дека Македонија е дел од основачката група за формирање на Посебен меѓународен суд за кривичните дела од агресијата, со што и овој пат, како што рекол, „јасно се позициониравме на вистинската страна на историјата“.

Ковачевски посочил и дека Украина е меѓу приоритетите на нашето претседавање со ОБСЕ, при што нагласил дека земјава ја подржува нејзината евроатлантска интеграција и посветеноста на политиката на отворени врати на НАТО.

Зеленски, пак, како што велат од Владата, се заблагодарил за поддршката што украинскиот народ ја добива од нас, која, како што рекол, доаѓа во клучни моменти.

„Не правевте калкулации, бевте покрај нас од првиот ден и украинскиот народ и ние го цениме тоа“, истакнал Зеленски.

- Реклама -