
Германскиот производител на автомобили испорача околу 1,89 милиони возила од сите свои брендови низ целиот свет во третиот квартал, што е за дури 14,3 отсто помалку во однос на истиот период минатата година.
Падот беше особено изразен во Кина, каде што испораките се намалија за дури 38,5 отсто на годишно ниво, на 405.800 возила, покажува деловниот извештај.
Во првите девет месеци од годината, „Volkswagen“ продаде околу шест милиони возила на клиенти низ целиот свет, што е за 9 отсто помалку во однос на истиот период минатата година.
Падот на испораките во Кина и САД ги надмина зголемените испораки во Јужна Америка, Западна Европа и Централна и Источна Европа, се вели во извештајот.
Групацијата „Volkswagen“ не можеше да ги избегне последиците од значителниот пад на продажбата на целокупниот кинески пазар, се вели во соопштението, а особено во сегментот на возила со мотори со внатрешно согорување, и забележа пад на испораките во Кина од дури 30,2 проценти во споредба со првите девет месеци од минатата година, на 1,38 милиони возила.
Испораките во Азиско-пацифичкиот регион, вклучувајќи ја и Кина, потонаа во истиот период за дури 27,9 отсто, на 1,59 милиони возила.
Во Северна Америка групацијата продаде 680.200 возила во периодот од јануари до септември, што е 4 отсто помалку отколку во истиот период минатата година.
На клучниот американски пазар, испораките се намалија за 7,8 отсто, соопшти управата на „Volkswagen“, повикувајќи се на царински давачки и регулаторни промени.
Во Европа групацијата VW забележа мал раст, од 1,7 отсто во споредба со истиот период минатата година, со речиси 2,96 милиони испорачани возила. Во Западна Европа, испораките се зголемија за 1,1 отсто, а во Централна и Источна Европа за 5,3 отсто.
На домашниот германски пазар, групацијата испорача 0,9 отсто повеќе возила на клиентите, објави менаџментот, без да ја прецизира бројката.
Испораките на VW на јужноамериканскиот пазар, исто така, се зголемија за 4,3 отсто, на 502.500 возила. На клучниот пазар на Бразил, испораките пораснаа за 12,3 отсто, според податоците на групацијата.



