Или Борис Трети, Фердинанд и Михајлов, или ново вето од Бугарија

Провокациите на поединци и групи не треба да ги загрозат добрососедските односи, порачаа министерите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Николај Милков, на денешната средба во Берлин одржана на маргините од министерскиот состанок на Берлинскиот процес.

Како што соопшти МНР, на средбата, меѓу другото, биле разгледани бројните провокации од групи и поединци во двете земји, и заклучено е дека двете министерства активно ќе работат на зајакнување на добрососедските односи, како взаемен интерес на двете земји, и нема да дозволат провокациите да го нарушат овој процес. Двајцата министри потенцираа и дека продолжувањето на дијалогот преку средби, како и преку реализирање на конкретните проекти, се единствениот пат кој ќе доведе до промена на контекстот во кој се дејствува и се влог во создавањето блиски и пријателски односи меѓу двете држави и нивните граѓани.

И додека Османи и Милков ја смируваа топката во Берлин, заменикот на Милков – Костадин Коџабашев, навести ново вето од Бугарија поради бугарските здруженија во земјава, односно поради новиот закон за здруженија кој ќе забрани имиња според соработници на фашизмот.

„Северна Македонија ги загрозува основните права на Бугарите утврдени со Европската конвенција за човекови права, како што се правото на здружување, собирање, слобода и слободно изразување на убедувањето.

Прочитајте и:  ЕК Извештај: Северна Македонија ја задржа својата 100-процентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ

Во таа насока, принудени сме да ја потсетиме земјата, која е кандидат за членство во Европската Унија, дека европската практика и законодавните иницијативи кои се однесуваат на правото на здружување, се водени од желбата да се олесни, а не да се попречи создавањето и функционирањето на граѓански организации и здруженија“, изјави Коџабашев.

Тој ја потенцираше одлуката на бугарското Народно собрание од 24 јуни годинава – дека Бугарија ќе ја поддржи европската интеграција на Северна Македонија само под услов доколку се гарантираат правата на Бугарите во земјата.

„Последните законски измени во Скопје противречат на тој услов“, истакна тој додавајќи дека „крајно е неприфатливо“ да се користи наратив, вклучително и законодавни иницијативи, со кои „непринципиелно се искористуваат теми поврзани со фашизмот, антисемитизмот и тероризмот, со цел да се ограничат основните права и да се влошат добрососедските односи“.

„Категорично ги отфрламе обидите за наметнување селективни, еднострани и историски толкувања“, истакна Коџабашев, додавајќи дека согласно Договорот за добрососедство создадена е посебна Комисија за „надминување на историските противречности“ и нејзините активности „не може да се заменат со ниту една новоформирана структура“.

- Реклама -