Гвинет Палтроу првпат ќе глуми во ТВ-серија

Американската актерка Гвинет Палтроу ја прифати својата прва главна улога во ТВ серијата наречена „The Apology“, од режисерите Џо Мартаг и Томас Винтерберг.

1
Гвинет Палтроу првпат ќе глуми во ТВ-серија
Фото: Нетпрес

Добитничката на Оскар ќе ја игра Евелин Амспокер, чиј син бил убиен пред 18 години, а случајот останува нерешен.

„Кога ненадејно се појавува странец и ја признава својата вина, се чини дека правдата конечно е на дофат“, се вели во описот на серијата. Но, Евелин и нејзиниот сопруг Кејлеб дознаваат дека убиецот може да добие само намалена казна. „Соочени со оваа неподнослива вистина, Евелин и Кејлеб решаваат да ги земат работите во свои раце“, се додава.

Двогодишната серија на продукциската куќа A24 на Netflix е дело на извршниот продуцент и сценарист Мартаг, кој ја режираше и ТВ серијата „The Woman in the Wall“. Како што пишува магазинот Variety, режисерот Винтерберг е познат по комедијата од 2020 година „Уште една рунда“.

Филмскиот опус на актерката Гвинет Палтроу се состои од неколку улоги што ѝ овозможија да се вивне до славата, како што е онаа во филмот „Ема“ (1996), „Љубовите на Хелен“ (1998), „Вљубениот Шекспир“ (1998) и „Талентираниот г-дин Рипли“ (1999), како и улоги во неколку филмови со популарниот Ајронмен од универзумот на Marvel и во хит филмот „Марти Величествениот“ (2025).

Се појави и во хит ТВ-серијата „Glee“ (Гли) и како гостинска ѕвезда во разни проекти, но никогаш немала главна улога во ТВ серија.

Нарачката за две сезони за „The Apology“ доаѓа во време на големите промени на Netflix за кои се зборува откако компанијата објави дека ќе отпушти шест отсто од своите вработени.

Директорката на Одделот за содржината Бела Бајарија ја напушти стриминг услугата минатата седмица, а на нејзиното место дојде Питер Рајс.

Директорот за филм Ден Лин ја напушти компанијата во понеделникот, додека директорката за телевизија Џини Хау, која го надгледува одделот за драми во САД и Канада, ја задржа својата позиција.