За сите љубители на негуваната кожа, во текот на три дена на приземјето од Скопје Сити Мол, посетителите ќе имаат уникатна прилика да се запознаат со различни производи и корејски рутини за нега. Овие пристапи, познати по својот ефект за сјајна и мазна кожа, стануваат се поприсутни и кај нас.
Фестивалската програма вклучува едукативни панел-дискусии секој ден, на кои експерти, фармацевти и дерматолози ќе дискутираат за современата дермокозметика, активните состојки и придобивките од корејскиот пристап кон убавината. Ова е исклучителна можност за посетителите да се информираат, да споредат и да откријат производи што одговараат на нивните потреби во време кога нега на кожа станува сè поважна во секојдневието.
Така, денес, 8 мај, во 18 часот, на првата едукативна панел-дискусија ќе говори д-р Ивана Панговска, специјалист по дерматологија, заедно со Стефанија Златку Лузевска, основач и сопственик на Yeppeuda. Темата ќе биде „Активни состојки во корејската нега и правилна употреба“.
Во сабота, 9 мај, во 17 часот, специјалист на втората панел-дискусија ќе биде Марија Крстевска, фармацевт и експерт за корејска козметика, која ќе дискутира на темата: „Како да составите ефикасна корејска рутина за нега на кожа“.

На последниот ден од фестивалот, 10 мај, во 14 часот, говорници на панел-дискусијата ќе бидат асистент д-р Маја Димова, специјалист дерматовенеролог и Лилјана Бошковска Ризор, којa ќе говори на темата: „Месец на меланом: SPF не е тренд — туку навика“.

На настанот ќе бидат претставени неколку брендови како CosLOVEmetics, Yeppeuda и K-Beauty Зегин.
Корејската козметика се издвојува по тоа што нуди практични и ефективни решенија за разни типови кожа и возрасти. Таа е популарна и кај тинејџери со првични проблеми на кожата, но и кај возрасни жени и мажи кои се грижат за одржување на здрава, хидрирана и негувана кожа. Производите се одликуваат со лесни текстури, природни состојки и постепени резултати, фокусирани на секојдневна нега наместо на брзи и агресивни третмани.
Овој фестивал е одлична можност да се добие појасна слика за „K-beauty“ и како може да се интегрира во секојдневната рутина за нега на кожата.




