Даути треба да го стави Законот за бранители на седница, со „Вреди“ не разговарале за поддршка – вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја повтори поддршката за бранителите и посочи дека претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути треба да го стави на дневен ред Предлог законот за бранители.

Одговарајќи на новинарско прашање дали законот за бранители ќе биде ставен на седница на Комисијата за труд и социјална политика, упати на одговор кај  претседателката на Комисијата, Илире  Даути, пратеничка од опозицискиот Европски фронт.

–  За тоа ќе ја прашате Илире Даути. Треба да го стави, рече Мицкоски.

За поддршка на законот, како што изјави, не разговарал со коалициските партнери „Вреди“.

– Не сме разговарале на таа тема, многу јасно сме го соопштиле нашиот став во минатото. Бранителите  ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка, изјави Мицкоски.

Прочитајте и:  Гаши за Законот за бранители: Ингеренциите за свикување седница се само кај претседателката на Комисија за социјална политика

Законот за бранители, на предлог на пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, доби поддршка да се носи по скратена постапка во рамки на 14. седница на Собранието.

- Реклама -