Растечката опсесија со здрава исхрана и нетолеранција на храна во Велика Британија придонела во пораст на бројот на луѓе кои страдаат од „орторексија“. Орторексија често започнува со обид за правилно хранење и слабеење но може многу брзо да прерасне во изгладнување или посериозни проблеми со исхраната.
Оние кои страдаат од оваа состојба често се многу внимателни за својата исхрана и дури и исфрлуваат цели прехранбени групи – најчесто поради лажното верување дека не можат да го толерираат тој тип на храна. Тие истовремено се придржуваат и до екстремен режим на вежбање. Психологот Даен Џејд изјавила: „Орторексијата е скриен проблем, маскиран лалп здрава исхрана.“
Зборот „орторексичен“ доаѓа од грчките зборови „орто“, што значи исправно или точно, и „орексис“, кој значи апетит. Зборот бил првпат употребен во 1996 од доктор Стивен Бретмен, во неговата книга “Health Food Junkies: Orthorexia Nervosa”. Госпоѓа Џејд додала: „Често луѓето кај кои се јавува интерес за здрав живот стануваат збунети поради противречните информации.“
„Тие престануваат да конзумираат прехранбени групи, како месо, и се убедуваат себе си дека не можат да толерираат други групи како млечни производи, па ги исфрлаат и нив од својата исхрана. Проблемот е најзастапен кај тинејџерите бидејќи тие најлесно потпаѓаат под влијание на работите кои ги читаат во списанија или ги гледаат на телевизија.“
Повеќето од овие здрави диет-планови промовирани во медиумите се всушност маскирани строги диети. Болестите како анорексија и булимија се фокусираат на квантитетот на храна, но орторексичните лица се грижат само за квалитетот на она што го јадат.“ 21 годишниот Сем Монкхаус од Портсмут е орторексичар кој опсесивно внимава на својата исхрана и вежба најмалку двапати дневно.
Тој изјавил: „Се придржувам до високопротеинска исхрана и воопшто не конзумирам јаглехидрати. 90 проценти од времето јадам само сирење, природен јогурт, јајца и пилешко месо. Ги јадам тие работи бидејќи сакам да имам убаво тело. Вежбам двапати дневно, седум дена во неделата. Работам во фабрика и на паузата за ручек дигам тегови и правам стомачни и склекови. Кога ќе стигнам дома трчам 45 минути.“
„Најверојатно вежбам повеќе од два часа секој ден. Ако изедам хамбургер, што е екстремно ретка појава, морам одма да ги согорам калориите и мастите зашто знам дека ќе се претворат во масни наслаги, а јас не сакам маснотии на моето тело.“ Нутриционистот Гленис Џоунс вели дека орторексијата е последица на негативниот публицитет на некои видови храна.
Таа изјавила: „Главниот проблем е негативниот публивитет. Ако овие луѓе дознаат нешто негативно за одреден тип на храна, тогаш целосно ќе ја исфрлат таа храна од својата исхрана. Сретнав една личност која не јадеше брокули зашто прочитала дека може да се добие некоја болест од нив.“ [Are you orthorexic? Sufferers obsessed with healthy diet cut out vital food groups]