Арсовска: За јавниот превоз приоритет е Владата да си го подмири долгот од осум милиони евра

Владата треба да си го подмири долгот од осум милини евра на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје за бесплатниот превоз на студентите. Tоа е приоритет доколку сакаат да се решаваат проблемите, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во одговор на новинарско прашање за проблемите со јавниот превоз во градот.

Арсовска денеска на прес-конференција во Град Скопје ја изнесе својата верзија за исходот од вчерашната средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Злато Перински што се одржа со цел изнаоѓање решенија за проблемите со јавниот превоз и нечистотијата во главниот град.

Одговорноста за проблемите ги лоцира кај советниците на Град Скопје кои вели дека не даваат поддршка за нејзините проекти од ветената програма и не ги гласаат програмите без кои, како што посочува, не можат да функционираат јавните претпријатија.

На барањето за исплата на долгот од осум милиони евра што, вели, датира од 2021 година, на средбата добиле одговор дека „би се исплатиле со ребаланост преку повлекување на средства за изградба на нов булевар во Визбегово“, што рече, „го сметаат за уцена на штета на граѓаните, а не за партнерски однос и нудење решенија“.

Меѓу предлозите што ги изнеле е и план за набавка на нови еколошки автобуси и понудиле советниците да формираат комисија за набавка и да ја спроведат, а градоначалнилката само да ја потпише.

– Ова не е ништо ново, ова трае веќе две години по ред, вели Арсовска.

Според  неа, проблемот за ЈСП е комплициран, пред се, затоа што има долг од осум милиони евра што не го плаќа Владата. Други години, тврди таа, имало директни дотации за ЈСП и по 15 милиони евра помош од централната власт, а сега четири години еден денар немаат доставено.

– Не можете да размислувате за решенија, ако едната страна не исполнува ниту една од обврските што ги има. И не може никој да се изолира од каква било одговорност, најмалку од политичка одговорност ако не плаќате за нешто за кое велите дека вие го сервисирате и сте донеле одлука за тоа, а од друга страна не носите ниту една од програмите  што се навистина потребни сите овие институции да функционираат. Главниот проблем што го имаме е дека некој прави проблем  за потоа не да го решава, туку да го удвои, посочи Арсовска.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

За ЈСП, рече, решенијата ги понудиле вчера, имало и за возниот ред, и за повеќе автобуси, и за јавната чистота, за кои, како што посочи, ако другата страна била искрена, ќе кажеле дека ќе се изгласаат.

– Доколку некој пред две години гласал за тоа што е понудено, сега ќе имавме целосно нова флота возен парк на ЈСП, но тогаш немаше да може да се плука кон Данела, рече Арсовска, посочувајќи дека новите автобуси на скопјани заедно со неа ги ветувал и премиерот Христијан Мицкоски, како и дека скопјани гласале 45 советници кои  вели дека „земат само 500 евра секој месец за една седница и не гласаат ништо на Совет“.

Доколку ги почнеле постапките пред две години и секоја година се набавувале по 50 автобуси, рече дека сега ќе имало 150 нови автобуси.  За жал, дополни, и на вчерашната средба кажаа нема пари, Буџетот е девастиран и нема да гласаат за таква одука, иако ние повторно ќе ја предложиме, па нека не гласаат.

– Можеше и тој да каже како Груевски па да купи 250 автобуси па нека ги донесе на скопјани, нема никаков проблем, ние се што ќе предложеа, а ќе беше конструктивно, ќе прифатевме. За жал, ништо не предложија, рекоа дека нашите решенија не им се допаѓаат, рече Арсовска.

- Реклама -