Ахмети: Не се шегувајте со албанските прашања, не го чепкајте јазикот и знамето, не ги чепкајте раните што се затворени

Европскиот фронт нема намера да стане дел од владината коалиција, порача денеска лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети на прес-конференцијата посветена на 100 дена работа на новата Влада.

На прес-конференцијата насловена „100 дена скандали, потфрлања, омалуважувања“, беше посочено дека немаат намера да станат дел од владината коалиција која, како што рекоа, не ги почитува основните права на Албанците и другите помали заедници. Нагласија дека „Европскиот фронт“ нема да ја дестабилизира земјава, туку ќе организираат протести кои, како што посочија, се демократско право.

– Ние не се заинтересирани да станеме дел од оваа Влада, бидејќи не сме резерна гума. Ние не сме претставници на анархијата и реваншизмот. Ние не делуваме според инстиктот, бидејќи сме изградени по национална идеологија. Анти-албанската кампања не е добра кога ги слушам сите тие изјави „Албанците нека одат во Албанија“, „оваа држава се вика Македонија“… Албанците секогаш ги почитувале меѓуетничките односи, затоа исто треба да постапуваат и нашите сограѓани Македонци. Ние немаме сила да се занимаваме со инаети со други земји, туку на земјата и треба мир и стабилност, борба против корупцијата, рече Ахмети.

Ахмети повика да се спроведе ветинг за сите функционери во последните 30 години, а за ВЛЕН рече дека направиле фатална грешка што влегле во Владата. Најави дека ќе одржуваат прес-конференции секој ден на кои ќе ги откриваат, како што посочи, неуспесите и скандалите на Владата.

– Не се шегувајте со албанските прашања, не го чепкајте јазикот и знамето, не ги чепкајте раните што се затворени. ВЛЕН направи фатална грешка што влезе во Влада, но не знам што им се случи. Научиле една реченица „ДУИ е виновен“, рече Ахмети.

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села порача дека „Европскиот фронт“ нема намера да ја дестабилизира земјава.

– Од „Европскиот фронт“ нема да има дестабилизација, туку протести. Протестите не се дестабилизација, туку демократија. Кажете ни до каде ви е планот со угнетувањето на Албанците и другите заедници и ние ќе ви кажеме до каде достигнува отпорот на „Европскиот фронт“.  Нема да станеме дел од оваа влада на срамот, против граѓаните! Влен денес излегува и кажува невистини во јавноста, не е достоен за албанските достигнувања. Апелирам до лидерите на Влен – направете да се чувствуваме горди во нашата земја, а ние воопшто немаме намера да станеме дел од власта. Ние не бараме власт, туку вие дојдете кај нас и да му ги покажеме црвените линии на Мицкоски оти тој нема право да се однесува како што сака со овој народ, рече Села.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Села нагласи дека овие 100 дена владеење, Влен ги има реализирано сите проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Посочи дека измените на Законот за бранителите нема да помине во Собрание.

Скендер Реџепи-Зејд, претседател на Народното движење упати повик до претставниците на Влен и симпатизерите да ја напуштаат, како што рече, моноетничката анти-албанска Влада.

– Да ја напуштат оваа Влада која не спречи на патот кон Европската Унија, која ја деалбанизира секоја институција, која го одзема правното и уставното право за вработување на Албанците, Турците, Бошњаците и сите други кои не се Македонци.  Да ја напуштат оваа Влада и да и се приклучат на „Европскиот фронт“ и заедно да седнеме и да најдеме решенија за прашања кои се битни за нашиот национален интерес, за меѓуетничките односи, за еден подобар образовен, здравствен, економски и социјален развој, рече Зејд.

Претседателот на Европска демократска партија која е дел од „Европскиот фронт“, Аријанит Хоџа оцени дека новата Влада составена од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Влен за 100 дена ги деалбанизирале институциите.

– Најлошото од се, дозволија единственото Министерство кое требаше да се грижи за спроведувањето на Охридскиот договор да биде оставено во рацете на Стоилковиќ, со путинистичка идеологија и отворени антиалбански изјави. Има илјадници грешки што ги направија во овие 100 дена, но што е уште полошо со нивното вазалство, го зајакнуваат македонскиот национализам, што дозволува деалбанизација на државните институции“, рече Хоџа.

Прес-конференцијата почна со неколкуминутно видео од исечоци од прилози на вести од албански и македонски медиуми од земјава, Албанија и од Косово за работата на новата Влада.

 

- Реклама -