Муцунски во Атина на состанок на „Пријатели на Западен Балкан“

Тимчо Муцунски во Атина ќе учествува на состанокот на Групата „Пријатели на Западен Балкан“, посветен на проширувањето на ЕУ и европската интеграција на регионот.

7
Муцунски во Атина на состанок на „Пријатели на Западен Балкан“ (Нетпрес)
Фото: Нетпрес

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Атина ќе учествува на министерскиот состанок на Групата „Пријатели на Западен Балкан“, на покана на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис.

Во фокусот на состанокот ќе бидат одржувањето на динамиката на проширувањето на Европската Унија и забрзувањето на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан на 25 ноември и грчкото претседателство со Унијата во втората половина на 2027 година.

Реклама

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираа дека „состанокот е дел од редовниот политички дијалог со земјите од регионот, а во фокусот ќе бидат следните чекори и можностите за постигнување натамошни видливи резултати во ЕУ-пристапниот процес“.

На состанокот се очекува да присуствуваат министрите за надворешни работи на шест земји-членки на ЕУ и на шесте партнери од Западен Балкан, како и Каја Калас, потпретседателка на Европската комисија и висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, и еврокомесарката за соседство и проширување Марта Кос.

Според грчкото МНР, посебен акцент ќе биде ставен на владеењето на правото, демократското управување и добрососедските односи, потврдени во Декларацијата од Делфи од 23 април 2026 година. Ќе се разгледа и можноста за користење на капацитетите на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ, со цел поддршка на реформските напори на партнерите од Западен Балкан.

На маргините на министерскиот состанок се планирани и билатерални средби. Групата „Пријатели на Западен Балкан“ ја сочинуваат Италија, Австрија, Грција, Чешка, Словачка, Хрватска и Словенија, а нејзина цел е поддршка на забрзувањето на пристапниот процес и интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.