За целта до 2032 година потребни се дополнителни 19.000 места во градинките

За да се достигне националната цел до 2032 година, 65 отсто од децата на возраст од три до шест години да бидат опфатени со предучилишно образование, потребни се дополнителни 19.000 места во градинките, посочува УНИЦЕФ.

0
За целта до 2032 година потребни се дополнителни 19.000 места во градинките (Нетпрес)
Фото: Нетпрес

Помалку од половина од децата до шест години одат во градинка, а над 79.000 деца на таа возраст не се опфатени со системот. Кај децата од три до шест години, речиси две од три немаат пристап до градинка, додека просекот во Европската унија е 95 отсто.

Меѓу 2020 и 2025 година, јавните градинки добивале по околу 833 места годишно. Со такво темпо, за обезбедување на потребните места би биле потребни речиси 23 години. Во октомври 2025 година, на официјалната листа за чекање во јавните градинки имало 4.894 деца, при што десетте општини со најдолги листи опфаќале околу 80 отсто од нив.

Реклама

Опфатот меѓу општините се движи од 77 отсто до под 10 отсто, а во некои општини градинка воопшто нема. Шест општини немаат целосна јавна услуга или се потпираат на пократки програми за ран детски развој. Кај ромските деца опфатот е околу 7 отсто, додека во градинките се запишани 1.155 деца со попреченост, наспроти проценетата потреба од 5.821.

Проширувањето само преку јавни градинки би чинело 105 милиони евра за инфраструктура, што е околу пет пати повеќе од сегашното ниво на инвестиции. Анализата поддржана од УНИЦЕФ предлага мешан модел со околу 13.500 нови места во приватни и 5.300 во јавни градинки до 2032 година, како и кофинансирање за услугите да бидат достапни и за посиромашните семејства.

УНИЦЕФ посочува дека се потребни континуирани јавни инвестиции, нови модели на финансирање и посилна соработка меѓу институциите и приватниот сектор. „Во услови кога бројот на деца се намалува, потенцијалот на секое дете е поважен од кога било“, порача Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ја истакна важноста од проширување на пристапот до квалитетно предучилишно згрижување и образование. Таа порача дека правата и потребите на децата треба да бидат дел од сите општествени одлуки, вклучително и деловните и инвестициските.

УНИЦЕФ наведува дека не е доволно само да се зголеми бројот на места, туку услугите мора да бидат квалитетни, финансиски достапни и инклузивни. Денес, само 7 отсто од децата одат во приватна градинка, наспроти 15 до 35 отсто во земјите од Европската унија, а приватните градинки се финансираат исклучиво од средствата што ги плаќаат родителите.