Работнички како лидер му гостува на МЗТ Скопје во вечното дерби

Работнички како лидер со максимални шест победи му гостува на МЗТ Скопје Аеродром во дербито на седмото коло од кошаркарската Супер-лига, закажано за 16 ноември од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

0
Работнички како лидер му гостува на МЗТ Скопје во вечното дерби (СпортСпорт)
Фото: СпортСпорт

Натпреварот ќе се следи на Јутјуб-каналот на КФСМ, бидејќи нема да има директен телевизиски пренос.

Работнички во дербито влегува по шест последователни победи, а тимот од „Градски парк“ последен пат имал ваков старт во сезоната 2017/2018, кога регуларниот дел го завршил со максимални 22 победи.

Реклама

„Пред нас е дерби против МЗТ. Нè очекува тежок натпревар, но веруваме во нашиот тим. Ќе се бориме за секоја топка, за секој поен и ќе дадеме сè од себе во текот на целиот натпревар. Ги повикувам нашите навивачи да дојдат во што поголем број, бидејќи вашата поддршка ни е многу важна. Заедно сме посилни“, порача Виктор Ефремовски.

Работнички во досегашните 34 првенства освоил 15 шампионски титули, додека МЗТ Скопје Аеродром има 13. Двата тима за првпат оваа сезона ќе ги одмерат силите во дербито кое со децении е меѓу најголемите спортски случувања во Македонија.