
„Американскиот радарски систем за противвоздушна одбрана во хеликоптерската база ‘Ар Рифа’ во Бахреин беше нападнат со шест дрона на Воздухопловно-вселенските сили на Исламската револуционерна гарда“, се наведува во соопштението објавено на Телеграм.
Во Бахреин е стационирана и Петтата флота на САД. Бахреинското Министерство за внатрешни работи двапати прогласи воздушна тревога и преку мрежата Икс ги предупреди жителите за можна закана.
Министерството ги повика граѓаните и странските државјани да останат смирени, да побараат засолниште и информациите за развојот на ситуацијата да ги следат исклучиво преку официјалните канали. На социјалните мрежи се појавија и снимки за кои се тврди дека го прикажуваат нападот.
Иранската револуционерна гарда соопшти и дека Ормускиот Теснец е затворен, предупредувајќи дека секој американски напад ќе биде пречекан со „уште посилен и поодлучен одговор“.
Нападот е пријавен во рамки на продолжениот конфликт меѓу Техеран и Вашингтон. Откако САД, заедно со Израел, на 28 февруари започнаа напади врз Техеран, иранските сили возвратија со напади врз земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази.
Според Нетпрес, во почетокот на септември повторно беа обновени воените дејствија меѓу Вашингтон и Техеран, поради што американските бази во Бахреин повторно станаа цели на иранските сили. Засега нема реакција од Централната команда на американската војска за нападот.







