
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека ограничувањата на сателитската интернет-услуга „Старшилд“ ја отежнуваат одбраната на Украина од напади со дронови. Тој побара украинските институции да го отворат прашањето пред надлежните органи во САД.
Ограничувањата на брзината на сателитската интернет-услуга „Старшилд“ остануваат на сила долж целата фронтовска линија и на привремено окупираните територии. Зеленски им наложил на украинските министерства за надворешни работи и за одбрана да го покренат прашањето пред надлежните американски институции.
„Ова е многу лош сигнал“, рече украинскиот претседател, предупредувајќи дека ограничувањата можат да ѝ испратат порака на Русија дека САД се подготвени поинаку да ги третираат привремено окупираните украински територии.
„Сметаме дека брзината повторно ќе биде овозможена“, порача Зеленски. Тој претходно се пожали дека ограничувањата повторно се воведени, особено во деловите од Украина што се под руска окупација.
Слични мерки беа воведени и во средината на октомври. Тогаш Илон Маск, чија компанија „Спејс Икс“ управува со сателитската мрежа „Старлинк“, го обвини Киев дека цивилната интернет-услуга ја користи за напади со дронови, спротивно на условите за користење.
„Старшилд“ е воена сателитска интернет-услуга на „Спејс Икс“, но е под контрола на американската влада. Украинската војска се потпира на интернетот преку „Старлинк“ за комуникација уште од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Украинските воздушни и поморски дронови, опремени со терминали „Старлинк“, се користат за далечински управувани напади врз цели во Црното Море и во делови од украинската територија под руска окупација.







