
Премиерот Христијан Мицкоски, градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменкоска – Трајкоски и заменик-министерката Ане Лашкоска извршија увид во изградбата на системот за водоснабдување во населбата Каменик. Проектот треба да обезбеди сигурно водоснабдување за домаќинствата и индустриските капацитети.
Општина Кисела Вода гради нов резервоар и секундарна водоводна мрежа во должина од 4,2 километри, со вредност од 27.525.735,60 денари.
Препумпната станица, која е клучна фаза за заокружување на проектот, ја финансира и ја спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање.
Градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска изјави дека постојната мрежа била изградена со самопридонес од жителите пред многу години и била надвор од техничките стандарди, што предизвикувало недостиг на вода и слаб притисок, особено во летниот период.
„Со овој проект решаваме проблем и за десетиците индустриски капацитети во оваа зона на Кисела Вода“, изјави Стаменкоска – Трајкоска, заблагодарувајќи им се на Владата и на Министерството за поддршката во реализацијата на проектот.
Мицкоски најави дека по завршувањето на подземната инфраструктура ќе следува комплетно асфалтирање на потегот. Тој порача дека Владата продолжува со реализација на инфраструктурни проекти според потребите на граѓаните.
„Целокупниот проект е многу значаен за овој дел на Општина Кисела Вода, затоа што тоа што недостасуваше досега е водата за пиење. Конечно ќе биде затворен тој проблем“, изјави Мицкоски.





