
Саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“ ќе се одржи на 14 ноември кај Школка во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 10 часот.
На саемот ќе бидат претставени млечни производи и месни преработки, ајвар, лутеница, маџун, мармалади и путери од лешник и други јаткасти плодови. Посетителите ќе можат да дегустираат и домашно вино, ракија, сокови од овошје и шумски плодови, како и органски производи.
Дегустациите и средбите со производителите ќе бидат надополнети со културно-уметничка програма со етно музика и настапи на пејачки и играорни групи. Предвидено е и обраќање на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
„Саемот ја истакнува и улогата која ја има локалната храна во развојот на руралниот туризам“, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Настанот го организира здружението „Ж’та“ од Кавадарци, избрано по јавен повик, под покровителство на Министерството. За неговата реализација е обезбеден буџет од еден милион денари преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година.





