
Средбата се одржа во рамките на учеството на Димитровски, како шеф на македонската делегација, на Министерската конференција на Франкофонијата во Пном Пен. Тој му пренесе честитки на Хун Манет од премиерот Христијан Мицкоски по повод Денот на независноста на Камбоџа, одбележан на 9 ноември, и изрази благодарност за гостопримството и приемот.
Димитровски посочи дека оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји, што претставува можност за нов импулс во нивното натамошно унапредување. Тој ја нагласи важноста од интензивирање на соработката во областите од заемен интерес, со посебен акцент на економските и трговските односи, и упати покана до Хун Манет да ја посети Македонија.
Заменик-министерот упати честитки за организацијата на Министерската конференција и 20. Самит на Франкофонијата во Пном Пен. Според него, членството во Меѓународната организација на Франкофонијата и соработката во рамките на Обединетите нации и други мултилатерални форуми се основа за продлабочување на односите и меѓусебната поддршка на меѓународен план.
Хун Манет се согласи дека постои потенцијал за натамошно унапредување на билатералната соработка и ја истакна потребата од организирање политички консултации меѓу двете земји, преку кои би се утврдиле конкретни области и можности за нејзино продлабочување. Тој ја истакна и гордоста на Камбоџа што е домаќин на 20. Самит на Франкофонијата, на кој учествуваат претставници од повеќе од 90 земји.



