Пожар и експлозии во рафинерија во Волгоград по напад со дронови

Украинските сили синоќа нападнале голема рафинерија за нафта во рускиот град Волгоград и производствен капацитет во Ростов на Дон, пренесува „Киев Индепендент“. Регионалниот гувернер Андреј Бочаров потврди дека во јужната индустриска зона на Волгоград избувнале пожари по „масовен“ напад.

15
Пожар и експлозии во рафинерија во Волгоград по напад со дронови (Проверено)
Фото: Проверено

Украинските канали Exilenova+ и Supernova+ објавија дека имало пламен и експлозии во рафинеријата „Лукоил-Волгограднефтепереработка“, една од најголемите во Русија, со годишен капацитет за преработка од 15 милиони метрички тони сурова нафта.

Снимки од очевидци, според објавите, покажуваат пламен од рафинеријата што го осветлува ноќното небо, а во позадина се слуша дејството на руската воздушна одбрана. На видеата од Волгоград се гледаат и граѓани кои чекаат во редици на бензински пумпи.

Реклама

Рафинеријата е еден од најголемите капацитети во сопственост на „Лукоил“, вториот најголем производител на нафта во Русија. Украинските сили претходно ја нападнале на 2 октомври, а објектот се наоѓа на околу 400 километри од украинската граница.

Гувернерот на Ростовската област, Јуриј Шљусар, соопшти дека по нападот врз Ростов на Дон избувнале пожари во производствен погон и магацин, додека остатоци од соборени беспилотни летала оштетиле станбена зграда. Според руските власти, напад со десетици украински беспилотни летала врз Москва ги прекинал летовите на неколку големи аеродроми во Московскиот регион.