
Комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година ќе трае 10 дена, од кои најмногу четири се предвидени за општ претрес, а шест за амандмани. За предлогот се поднесени над 300 амандмани од овластени предлагачи.
Приходите се планирани на 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе во споредба со 2026 година, а расходите на 440,4 милијарди денари, или 4,8 отсто повеќе. Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП, во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.
За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари, а даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, со раст од 6,4 проценти. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, од кои 123,8 милијарди за пензии, што е раст од 4,8 проценти согласно законското усогласување.
Во 2027 година државата треба да сервисира долг од 124,6 милијарди денари, од кои 46,5 милијарди се однесуваат на надворешен долг. За отплата е предвидена и еврообврзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година. За финансирање на дефицитот и обврските се планирани домашно задолжување од 36,3 милијарди денари, дополнителни 60 милијарди денари за едногодишни државни хартии од вредност што доспеваат за отплата и задолжување во странство од 86,8 милијарди денари.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска при претставувањето на предлогот на 30 октомври рече дека буџетот поставува фискални рамки и развојни приоритети за наредната година. Меѓу планираните ставки се раст на платите во јавниот сектор, средства за одбраната во висина од 2 отсто од БДП, 14,3 милијарди денари за социјална заштита на најранливите категории и 2,9 милијарди денари за активни политики и мерки за вработување.
За здравствена заштита се обезбедени 3,9 милијарди денари повеќе во споредба со 2026 година, а за општините се планирани околу 36 милијарди денари преку блок-дотации и дотации за ДДВ. Димитриеска Кочоска посочи дека средствата за Јавното претпријатие за државни патишта повеќе не се предвидуваат во буџетот, бидејќи ги обезбедува претпријатието.
Според министерката, продолжува реализацијата на инфраструктурни проекти, меѓу кои Коридорите 8 и 10 Д, автопатските делници Кичево–Букојчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, како и проекти за локални патишта и железничката инфраструктура. Таа ги посочи и енергетската ефикасност на јавните објекти и воведувањето брз автобуски превоз во Скопје.




