Матеј Белистојаноски е најдобар спортист на Скопје, доделени наградите „13 Ноември“

Сојузот на спортови на Скопје ги додели деветте награди „13 Ноември“ на 57. свеченост во Спортскиот центар „Јане Сандански“. За најдобар спортист е прогласен каратистот Матеј Белистојаноски.

12
Матеј Белистојаноски е најдобар спортист на Скопје, доделени наградите „13 Ноември“ (vasko jovanov)
Фото: vasko jovanov

Меѓу добитниците се и Дејан Боневски, професор по физичко образование и спорт во ООУ „Наум Наумовски Борче“, ракометните судијки Силвана Карбеска и Марија Илиева, спортскиот новинар Сашо Кузмановски и спортската работничка Ирена Митровска.

Карбеска и Илиева судат на меѓународни натпреварувања во ракомет во сала и ракомет на плажа. Од 2009 година судат на светски и европски првенства и на натпреварувања во организација на Европската ракометна федерација. Кузмановски веќе 25 години е програмски уредник на „Спортско радио 90,3“, а Митровска е претседателка на Федерацијата за дигање тегови и секретарка на Кик-бокс федерацијата.

Реклама

Наградата за најдобар тренер му припадна на Александар Кузманоски, селектор на македонската карате-репрезентација во борби. Признание доби и Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ за експедицијата „Врело 2026“, реализирана од 11 до 17 октомври, на која биле поставени неколку светски рекорди. Во неа учествувале 15 членови од Македонија, Полска и Италија.

Наградата за животно дело му беше доделена на Марин Докузовски, тренер и поранешен селектор на македонската кошаркарска репрезентација, која под негово водство го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија во 2011 година. Наградите „13 Ноември“ се доделуваат од 1970 година.