
Делегацијата го посетила Заедничкиот контакт-центар на германската и полската полиција во Слубице, каде што бил претставен моделот на прекугранична полициска соработка, размената на информации и оперативната координација. Во Франкфурт на Одра биле презентирани процедурите за гранична контрола и примената на современи технологии, вклучително и беспилотни летала за надзор на границата.
Во единицата на Федералната полиција во близина на аеродромот во Хамбург биле претставени електронските порти (E-gates), системите за заштита на аеродромската инфраструктура, како и специјализирана опрема и процедури за справување со безбедносни закани.
Во Хановер, делегацијата се сретнала со претставници на Федералната полиција задолжени за истраги поврзани со криминал, криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Преку анализа на конкретни случаи биле разменети искуства за истражни методи, откривање криминални мрежи и можности за унапредување на заедничкото оперативно дејствување.
Јанев изразил благодарност до Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје и германската Влада за поддршката во реализацијата на посетата. Тој ја истакнал важноста на развојот на долгорочно оперативно партнерство преку размена на информации, заеднички обуки, истражни активности и унапредување на професионалните стандарди.





