
На свеченоста се обратија началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и командантот на Баталјонот за почести, потполковник Игор Милчов. Лафчиски истакна дека баталјонот има одговорна мисија која директно ги претставува угледот и авторитетот на Армијата, институционалниот и националниот идентитет на татковината.
Тој, потсетувајќи на историските корени на Првата македонско-косовска ударна бригада и Првата гардиска бригада, рече дека традицијата се одржува со личен пример и врвен професионализам. „Вашата мисија не остава простор за импровизација, ниту дозволува компромис со квалитетот. Во вашата служба нема мала или голема задача – беспрекорноста мора да биде ваш секојдневен професионален стандард“, нагласи Лафчиски.
Милчов се осврна на официјалните пречекувања со највисоки воени почести, церемониите за смена на државното знаме, билатералните соработки и другите протоколарни активности. Тој го истакна и придонесот на Воениот оркестар преку протоколарните и меѓународните ангажмани, како и традиционалниот предновогодишен концерт.
На припадници на баталјонот кои се истакнале во извршувањето на задачите им беа доделени стимулативни мерки, а на наредник Горанчо Атанасовски, по повод заминувањето во пензија, му беше врачена плакета за долгогодишната служба во Армијата. Во пресрет на празникот биле реализирани хуманитарна акција со Црвениот крст и акција за доброволно дарување крв.
Баталјонот за почести го одбележува Денот на единицата како носител на традициите на Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада, формирана на 11 ноември 1943 година во селото Сливово.



