
РСБСП ги повика возачите да ја подготват зимската опрема, задолжителна од 15 ноември до 15 март, и да возат приспособено на условите на патот.
РСБСП повикува возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да одржуваат безбедно растојание и да избегнуваат нагли маневри. Советот предупредува дека снегот, мразот и голомразицата ги зголемуваат ризиците во сообраќајот.
Зимската опрема е задолжителна од 15 ноември до 15 март. За возила со најголема дозволена маса до 3.500 kg се потребни зимски пневматици со шара длабока најмалку 4 mm или летни пневматици со шара од најмалку 4 mm и синџири за снег за погонските тркала.
Кај возилата со погон на сите тркала (4×4), задолжителни се зимски пневматици со шара од најмалку 6 mm или летни пневматици со шара од најмалку 4 mm и синџири за снег. При постојан погон, синџирите треба да бидат најмалку за задната осовина, а кај преклопив погон најмалку за погонските тркала.
За возила со најголема дозволена маса над 3.500 kg, зимската опрема опфаќа зимски пневматици на погонските тркала со шара длабока најмалку 6 mm или летни пневматици со шара од најмалку 4 mm и синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала. Автобусите и товарните возила што поради технички причини не можат да постават синџири треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат, како лопата и вреќа со песок.
РСБСП посочува дека опасностите во зимски услови вклучуваат лизгави коловози, намалена видливост поради магла и врнежи, подолг пат на сопирање, нестабилност при нагли движења, како и намалена концентрација и замор кај возачите. Советот препорачува возачите да ги следат информациите за состојбата на патиштата, да ја проверат техничката исправност на возилото и да не возат под дејство на алкохол или психоактивни супстанции, ниту кога се заморени.
Од РСБСП повикуваат да им се посвети посебно внимание на пешаците, велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот. „Безбедноста во сообраќајот не е прашање на среќа, туку на свесност, знаење и одговорност!“, порачуваат од Советот.




