Лашкоска: Нема одложување на новите еколошки обврски за индустријата

Законот за контрола на индустриски емисии почнува да се применува во септември 2027 година, а одложување на обврските нема да има, порача заменик-министерката Ане Лашкоска на панел во Охрид.

8
Лашкоска: Нема одложување на новите еколошки обврски за индустријата (Опсервер)
Фото: Опсервер

Опфатените рударски и индустриски капацитети ќе треба да ги усогласат дозволите со еколошките барања, да применат најдобри достапни технологии и да ги следат емисиите. Потребните приспособувања ќе зависат од дејноста и технологијата, а може да вклучат вложувања во производството и опремата за намалување на загадувањето.

Лашкоска рече дека средбите со сопствениците и менаџерите покажале оти компаниите се добро запознаени со новите законски одредби. Таа најави посилен надзор врз примената на Законот за животна средина кај рударските и другите индустриски субјекти.

Реклама

„Во ова законодавство се наметнува транспарентно информирање на јавноста, вклучување на јавноста во донесувањето на политиките, а многу важен е и мониторингот и инспекцискиот надзор. Она што можам да го ветам е уште позајакнат надзор во наредниот период.“

Градоначалникот на Пробиштип и поранешен директор на рудник, Тони Тоневски, рече дека довербата во рударските средини бара транспарентност и отворено соочување со проблемите. Тој го истакна и значењето на активен концесионер кој инвестира во заедницата и придонесува за локалниот економски развој.

„Довербата можеме да ја вратиме ако сите ние, и инвеститорите, тие што работат во рударскиот сектор, институциите, локалната заедница, сите работиме транспарентно, отворено, сериозно им приоѓаме на проблемите. Не смееме да ги криеме и да ги тргаме на страна проблемите, туку треба одговорно и транспарентно на граѓаните да им ја објаснуваме целата постапка.“