Награди за Кочовска и Михајловски на фестивалот во Никшиќ

Првенците на Македонскиот народен театар, Тања Кочовска и Тони Михајловски, добија фестивалски признанија на 22. Меѓународен фестивал на глумецот – Никшиќ 2026 за улогите во претставата „Страв и надеж“. Кочовска е наградена за најдобра женска, а Михајловски за најдобра машка епизодна улога.

11
Награди за Кочовска и Михајловски на фестивалот во Никшиќ (Опсервер)
Фото: Опсервер

Претставата, во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат, била дел од фестивалската програма, а жирито ги издвоило актерските остварувања на двајцата првенци на МНТ како особено впечатливи.

„Беше вистинско задоволство да се гледаат овие двајца актери, особено во сцената во која настапуваат како партнери. Нивната игра беше трагикомична, исполнета со човечка топлина. Со својата инспиративна актерска игра ја направија нашата одлука лесна“, се наведува во образложението на жирито.

Реклама

Одлуката ја донело стручно жири во состав Миодраг Кривокапиќ, претседател на жирито, Даница Максимовиќ и Стеван Вуковиќ. Наградите на свеченото доделување ги примил директорот на МНТ, Никола Кимовски, во име на наградените актери.

„Реткост и посебна чест е да се добие награда на фестивал посветен на актерот. Актерот без кого ликовите би останале да живеат само на хартија, а сцената би била празна. Актерот кој на сцената стои пред нас како огледало. Благодарност од срце“, кажа Кимовски.